Претседателот на Европскиот совет, Кошта е загрижен поради ситуацијата на Блискиот Исток и ги повика сите страни на воздржаност

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта денеска изјави дека е длабоко загрижен поради ситуацијата на Блискиот Исток, повикувајќи ги сите страни на воздржаност и дипломатија.

„Ги повикувам сите страни да покажат воздржаност и почитување на меѓународното право и нуклеарната безбедност“, напиша Кошта на платформата Икс.

Дипломатијата, нагласи Кошта, останува единствениот начин да се донесе мир и безбедност во регионот на Блискиот Исток.

„Премногу цивили повторно ќе бидат жртви на понатамошна ескалација“, рече Кошта, додавајќи дека ЕУ ќе продолжи да разговара со страните и партнерите.

Претходно денеска, високата претставничка на Европската унија за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, апелираше до сите страни да се воздржат од понатамошни чекори и да се вратат на преговори, откако САД извршија напади врз три ирански нуклеарни објекти.

Таа напиша на платформата Икс дека на Иран не смее да му се дозволи да развива нуклеарно оружје.

Американскиот претседател Доналд Трамп рано изутрината соопшти дека САД синоќа нападнале три постројки за збогатување ураниум во Иран и дека сите три постројки се целосно уништени. Според него, постигнат е „спектакуларен воен успех“, објави Би-Би-Си. Нуклеарните постројки кои изминатата ноќ беа цел на американските бомбардери се Фордо, Натанц и Исфахан.

Back to top button
Close