Претседателот на ГДУ, Петар Колев, стана дел од тимот на бугарската новинската агенција БГНЕС


Колев во македонската јавност е познат како претседател на политичката партија Граѓанско демократска унија. Во своите јавни настапи вели дека ги брани интересите на Бугарите во Македонија. Минатата година беше на средби со бугарскиот претседател Румен Радев и со поранешниот премиер на Бугарија, Бојко Борисов на кои се жалеше за состојбата со правата на Бугарите во Македонија

Петар Колев од денеска е дел од раководството на бугарската новинска агенција БГНЕС, објави самата агенција на својот интернет-портал. БГНЕС пишува дека Колев дипломирал право на софискиот универзитет „Свети Климент Охридски“, дека тој е познат активист за човекови права и дека долги години го водел Граѓанскиот демократски сојуз во РС Македонија. Во веста се вели дека пред да ја преземе функцијата во БГНЕС, Петар Колев успешно ја завршил обуката за менаџирање со медиуми во ЕУ.

„Авторитетот, слободата и професионалноста во БГНЕС е вистински предизвик и чест е да се биде дел од Агенцијата БГНЕС. Со поддршка на тимот што го познавам со години, убеден сум дека ќе придонесе за успешна реализација на нови проекти“,

им порачал Колев на колегите од агенцијата.
Сопственици на Агенцијата БГНЕС, од основањето во 2001 година до денес, се новинарот Љубчо Нешков и неговата сестра Славица. Тие се родени во Македонија. Нивниот татко Темелко, како што тврдат, бил 12 години во македонските затвори поради пробугарски идеи. Во 1977 година Темелко Нешков и ќерката Славица емигрирале во Белгија, а една година подоцна таму пристигнале сопругата и синот Љубчо. Во 1985 година семејството Нешкови се сели во Бугарија.

Од друга страна, Петар Колев е претседател на политичката партија Граѓанско демократска унија (ГДУ). На последните парламентарни избори во Македонија, партијата чија политичка платформа во голема мера се должи на промоција на интересите на Бугарите во Македонија освои 3 555 гласа.

Колев постојано е присутен во бугарската јавност и се декларира како заштитник на правата на Бугарите во земјава. Заедно со поранешниот пратеник, портпарол на Владата и портпарол на Министерството за одбрана, Ѓорги Трендафилов, минатата година беа на средби со бугарскиот претседател Румен Радев и со членови на бугарската влада на кои се жалеа за состојбата правата на Бугарите во Македонија. По тие средби, Радев ја промовираше идеја за вметнување на Бугарите во македонскиот Устав. Според Преговарачката рамка за членство во ЕУ, токму ова прашање е услов за одржување на втората Меѓувладина конференција.

Back to top button
Close