Претседателот на Хрватска во ОН повика на признавање на палестинската држава
Претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ, во седиштето на ОН во Њујорк рече дека Хрватска треба да ја признае палестинската држава, истакнувајќи дека тоа не е награда за Палестинците, туку нивно право, соопшти неговиот кабинет.
– Палестина треба да се признае, тоа треба да го направи и Хрватска. Кога тоа ќе се случи зависи од предлогот што ќе дојде од Владата во Собранието, јас ќе го поддржам, рече Милановиќ синоќа по учеството на Меѓународната конференција за мирно решение на палестинското прашање и спроведување на решението за две држави.
– Се согласивме со она што беше кажано и ја поддржавме таа декларација, додаде тој.
Милановиќ коментираше и за признавањето на Палестина од Франција, што на конференцијата го објави францускиот претседател Макрон.
– Тоа не е никаква награда или концесија за Палестинците, тоа е нивно право. Тоа право произлегува од Првата резолуција 181 од ноември 1947 година. Целата трагедија на Палестина и палестинскиот народ треба да се гледа во контекст на настаните во изминатите сто години, рече тој и додаде дека „Палестина одамна требаше да има своја држава“.
На прашањето дали признавањето на палестинска држава ќе донесе промени, особено по изјавата на израелскиот премиер дека нема да дојде до создавање палестинска држава, Милановиќ рече дека „Израел ќе продолжи да убива, тоа е убиствен режим кој заклучил дека може да го прави тоа додека има заштитник“.
Тој додаде и дека од говорот на претседателот на САД, Доналд Трамп, „не очекува ништо“, додавајќи дека е јасно дека Трамп ќе биде против признавање на Палестина.
– Што се однесува до Хамас, нив ги создаде Израел. Како што американската администрација на одреден начин ги создала мудџахедините, така и Израел – за да го потисне Фатах, организацијата на која припаѓаше Арафат и која имаше голем легитимитет кај арапското и палестинското население – го создал Хамас, кој е плод на израелските тајни служби, додаде тој.
Како што е соопштено, Хрватска се приклучила на завршниот документ на 5 септември по упатство на претседателот, со што се согласила и Владата.
Конференцијата беше одржана по иницијатива на Франција и Саудиска Арабија со цел „да се оживее политичкиот процес за воспоставување мир на Блискиот исток и решение за две држави – Израел и Палестина – кои ќе живеат во мир, безбедност и во меѓународно признати граници“.
Во соопштението се додава дека њујоршката декларација е значајна затоа што голем број држави членки на ОН, вклучително и бројни арапски земји, по првпат јасно ги осудија нападите на Хамас на 7 октомври 2023 година, но и израелските воени операции во Газа кои предизвикаа цивилни жртви и хуманитарна катастрофа.
Декларацијата се заснова на ставот дека траен мир на Блискиот исток може да донесе само политичко решение, а не војна или окупација, и повикува сите страни да го отфрлат насилството.