Претседателот на Куба изјави дека во моментов не преговара со САД

Кубанскиот претседател Мигел Дијаз-Канел денеска изјави дека неговата администрација во моментов не преговара со владата на САД, еден ден откако американскиот претседател Доналд Трамп упати закани до Хавана.

Дијаз-Канел на Х објави низа кратки објави откако Трамп изјави дека Куба треба да „склучи договор пред да биде премногу доцна“, без да наведе за каков договор станува збор.

Дијаз-Канел напиша дека „односите меѓу САД и Куба мора да бидат засновани на меѓународното право, а не на непријателство, закани и економска принуда“.

– Отсекогаш сме биле подготвени да водиме сериозен и одговорен дијалог со разни влади на САД, вклучувајќи ја и сегашната, врз основа на суверена еднаквост, меѓусебно почитување, принципите на меѓународното право и заемна корист, без мешање во внатрешните работи и со целосно почитување на нашата независност, истакна тој.

Трамп вчера изјави дека Куба „повеќе нема да може да живее од нафтата и парите од Венецуела“.

Пред САД да ја нападнат Венецуела минатата недела, да го заробат и одведат претседателот Николас Мадуро, Куба добивала околу 35.000 барели нафта дневно од Венецуела, тврди Хорхе Пињона од Енергетскиот институт на Универзитетот Тексас во Остин.

Back to top button
Close