Претседателот Пендаровски домаќин на италијанскиот претседател Серџо Матарела

Претседателот Стево Пендаровски денеска ќе биде домаќин на претседателот на Италијанската Република Серџо Матарела, кој ќе престојува во официјална посета на Република Северна Македонија.

Претседателот Матарела ќе биде пречекан со највисоки државни и воени почести, по што ќе следува тет-а-тет средба на претседателите Пендаровски и Матарела и пленарен состанок на делегациите на Северна Македонија и Италија.

Претседателите Пендаровски и Матарела досега имаа средби во Рим во ноември 2019 година и во мај 2021 година.

Како што соопшти Амбасадата на Италија, по средбата со Пендаровски, Матарела ќе се упати во Собранието, каде што ќе се сретне со претседателот на Парламентот, Талат Џафери. Во рамки на свечената седница, ќе се обрати до пратениците и граѓанските и верските претставници во земјата.

Во рамки на посетата, во црквата „Св. Спас“ во Скопје претседателот Матарела и претседателот Пендаровски ќе положат венци на гробот на Гоце Делчев.

Во попладневните часови и премиерот Димитар Ковачевски ќе го пречека претседателот Матарела и неговата делегација. По средба со претставници на италијанската заедница во земјава, шефот на државата во вечерните часови ќе го напушти главниот град.

Матарела синоќа допатува во официјална посета на земјава, а на скопскиот аеродром беше пречекан од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Серџо Матарела беше избран за претседател на Италијанската Република во јануари 2015 година, а на таа функцијата беше реизбран и во февруари 2022 година, со над 75 отсто од гласовите на Собранието, со што е втор претседател избран со најголем број гласови во историјата на Италијанската Република. Посетата на Матарела на највисоко ниво го потврдува интензитетот на односите меѓу Италија и Северна Македонија, на политичко поле (Италија отсекогаш ги поддржувала евроатлантските амбиции на Северна Македонија и го поддржува нејзиниот развојен и институционален пат со широк сет на иницијативи за соработка), општествено (Италија е домаќин на значителна македонска дијаспора) и економско-трговско поле (Италија е осми трговски партнер, со силен нагорен тренд). Во земјава расте и интересот за италијанската култура и јазик, посочуваат од Италијанската амбасада во Скопје.

 

Back to top button
Close