Претседателството на БиХ даде согласност за испраќање војници во мировна мисија во Газа

Претседателството на Босна и Херцеговина, кое е Врховен командант на вооружените сили, даде принципиелна согласност за ангажирање припадници на вооружените сили во мисијата на Меѓународните сили за стабилизација на палестинската територија – Појасот Газа.
„Министерот за одбрана на БиХ е задолжен да го спроведе процесот на номинирање на воен претставник на Босна и Херцеговина во мисијата на Меѓународните сили за стабилизација во Газа и да достави до Претседателството на Босна и Херцеговина предлог за одлука за негово назначување“, се наведува во одлуката на Претседателството, пренесува РСЕ.
Советот на министри на БиХ е задолжен и да достави до Претседателството на БиХ, евалуација за оправданоста на учеството на припадниците на вооружените сили на БиХ во мисијата на Меѓународните сили за стабилизација во Газа.
На 17 ноември лани, Советот за безбедност на ОН одобри резолуција подготвена од САД, што го поддржува планот на претседателот Доналд Трамп за прекин на војната во Појасот Газа.
Резолуцијата, исто така, ги овластува меѓународните сили за стабилизација во палестинската енклава.
Израел и палестинската група Хамас се согласија со првата фаза од планот на Трамп од 20 точки за Газа, прекин на огнот во нивната двегодишна војна и договор за ослободување на заложниците.
Сепак, резолуцијата на ООН се смета за клучна за легитимирање на привремено управно тело и нудење гаранции на земјите кои размислуваат да испратат трупи во Газа.
Вооружените сили на Босна и Херцеговина претходно учествуваа во мировни мисии низ целиот свет, а во моментов три члена се во Централноафриканската Република.






