Претставена тематска антологија „Дионис и Свети Трифун“ на Струшките вечери на поезијата

Во рамките на 64. издание на Струшките вечери на поезијата вечерва беше претставена тематската антологија „Дионис и Свети Трифун“, чиј приредувач е истакнатиот македонски поет и есеист Славе Ѓорѓо Димоски.

Тематската антологија, според приредувачот, панорама на македонската винска поезија, е прво видување на оваа тема во македонската литература воопшто.

-Книгата е составена од два клучни дела и еден вовед. Воведниот се две песни едната од Јордан Хаџи Константинов – Џинот, во која се опева дионизискиот ритуал, а другата е од Матеја Матевски, посветена на Свети Трифун. Тие две песни се двата мотиви кои го прават јадрото од кое се развива книгата. Во првиот дел се песни од преродбата до кодификацијата на македонскиот јазик, а вториот е од кодификацијата на македонскиот јазик, односно од 1945 година па навака, информира Димоски.

Иако, како што соопштија Струшките вечери на поезијата, замислата му била да направи антологија на македонската боемска поезија, по неколку месечни истражувања заклучил дека нема таква класична боемска поезија, но забележал дека има многу песни посветени на лозата, лозјето, виното и задоволставата од пиењето вино, дошол до идеја да ја именува како македонска винска поезија.

– Вториот дел е поделен на седум кругови тематски групирани, според мотивскиот интерес на авторите кон оваа крупна тема. Поетскиот пристап кон виното и другите видови алкохол е во согласност со балканската и македонската традиција, а тоа е особено изразено во здравиците кои се поместени на почетокот од вториот дел, додава Димоски.

Учесниците на 64-тите Струшки вечери на поезијата денеска имаа можност да присуствуваат на поетско читање на поетите од потесниот избор за наградата „Браќа Миладиновци“ за 2025 година и да испијат поетско кафе со добитникот на „Златен Венец“ за 2025 година, словачкиот поет Иван Штрпка. Ги проследија и поетските портрети на минатогодишната добитничка на наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга меѓу два фестивала, објавена на македонски јазик Катица Ќулавкова и добитникот на наградата „Мостови на Струга“ за 2025 година за најдобра дебитантска книга од млад автор на Матеуш Шимчик од Полска.

Според програмата, манифестацијата продолжува со поетски читања на поети од платформата Версополис, поетски портрети, мешународното поетско читање „Кругови“  и музичко-поетски перформанс- Ноќ без интерпункција. Вечерва ќе биде врачена и наградата „Млада Струга“ за 2025 година на поетот Андреј Анѓеловиќ.

Back to top button
Close