Претставување на новиот Кодекс на новинари

Во „Европската куќа“ во Скопје денеска ќе биде претставен новиот Кодекс на новинари – документ што претставува значаен чекор во унапредувањето на професионалните и етичките стандарди во новинарството, информираа од Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Македонскиот институт за медиуми (МИМ).
– Иницијатива за измената и дополнување на Кодексот на новинарите, како една од носечките активности во рамките на проектот „Јакнење на етичките стандарди за поголема доверба во медиумите“, поддржан од Владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас, се спроведе низ инклузивен и повеќефазен процес, со цел унапредување на етичките стандарди во новинарството и нивно усогласување со современите медиумски предизвици. Измената опфаќа два дела: ревизија на постојните одредби и воведување нови стандарди кои одговараат на дигиталната ера и новите форми на известување. Финалното решение се базира на широка консултација со новинарската заедница. Во таа насока беа одржани повеќе работилници и консултативни средби со новинари, уредници и медиумски работници од различни делови на државата, при што се собрани практични предлози и искуства од терен – соопштија од ЗНМ и МИМ.
Предвидено е настанот да почне во 11 часот.






