Превенција од ширење на коронавирусот со делење на нови количини маски за лице

Со дополнителни количини на нови заштитни маски за лице, кои би се делеле на граѓаните како претходната акција, општина Тетово ќе прави обид да се намали ширењето на коронавирусот. Општината минатиот месец спроведе неколку дневна акција за доделување на маски кои ги доби од државните институции, но граѓаните реагираа дека немало поделено во сите домови.

– Имавме 15 илјади пакувања, секако, покриваат многу, но остана и дел непокриено. Ние ќе се обидеме да добиеме евентуално и помош од тој тип за да и ние додадеме нешто како што направиме минатиот пат за да можеме да продолжиме. Тоа беше многу добра акција, многу добро пречекана и нормално дека како што продолжува кризата, потребата не стивнува, истакна градоначалничката Теута Арифи по денешниот состанок на Кризниот штаб.

Иако денеска нема нови заболени во тетовско, Арифи потсети дека нови случаи со Ковид-19 главно потекнуваат од контакт со заразени лица.

– Уште еднаш ги повикуваме граѓаните да бидат внимателни и одговорни, одржувајќи ја физичката дистанца и да носат заштитни маски. Многу е важно да се намалат посетите дома или задржувањето во затворено со повеќе луѓе подолг временски период, бидејќи овој начин е идентификуван како најопасен начин за инфекција со Ковид-19 од страна на државните здравствени органи. Во рамките на мерките за ублажување поврзани со продолжување на работата на угостителските објејкти, ние повикуваме ова да се направи паралелно со зголемената внимателност од граѓаните и усогласеност со одредени мерки и протоколи од страна на деловните субјекти во општина Тетово и пошироко, рече Арифи.

Денеска и утре се врши тестирање на персоналот во градинките во општина Тетово, како подготовка за нивно отворање.

– Паралелно, општинските служби започнаа со надворешна и внатрешна дезинфекција на градинките во општина Тетово, рече Арифи.

Градоначалничката посочи дека се уште немаат одговор од Владата во врска со барањето за укинување на забраната за организиран меѓуопштински превоз кое општината го испрати до централната власт на 13 мај и очекува тоа да се случи во наредните денови.

Back to top button
Close