Прево: Реакцијата на САД е неразбирлива и непотребно непријателска

Реакцијата на САД со најавата за воведување на царини за осум европски земји што се „спротивставуваат на американското преземање на Гренланд“ е неразбирлива и непотребно непријателска, оцени денеска белгискиот вицепремиер и министер за надворешни и европски работи и развојна соработка Максим Прево.
– Ако пријателски земји од НАТО одлучат да испратат војници на Гренланд во извидувачка мисија, тоа е токму за да покажеме дека сме активно загрижени за безбедноста на Арктикот и дека сме подготвени да ја одиграме нашата целосна улога таму, изјави Прево во видеообраќање по вчерашната најава на американскиот претседател Доналд Трамп дека од 1 февруари САД ќе воведат царини од 10 проценти за Велика Британија, Германија, Данска, Норвешка, Финска, Франција, Холандија и Шведска, поради нивното противење на неговата намера за преземање на Гренланд.
Според Прево, територијалниот интегритет на Данска под никакви околности не смее да биде предмет на каква било форма на уцена и ЕУ мора да се справи со овие безбедносни предизвици на „колективен и неагресивен начин“.
– Белгија во моментов не е цел на мерките на Трамп, но ништо не гарантира дека тоа нема да биде случај во иднина. Мора да покажеме солидарност со нашите колеги, вели Прево во видеообраќањето.
Тој воедно најавува дека по заседанието на Комитетот на постојаните претставници на владите на земјите членки на ЕУ (Корепер) посветено на заканата на Трамп закажан за вечерва, утре е можно да се одржи и состанок на шефовите на дипломатии на државите на Унијата.
– Веројатно утре ќе следи министерски состанок за да разговараме за тоа каков заеднички европски одговор треба да формулираме, додава Прево.






