Презентација на творештвото на визуелниот уметник Ѓорѓе Јовановиќ

Социо-културниот центар „Јадро“ ја заокружува серијата на презентации на македонски уметници со преглед на творештвото на визуелниот уметник Ѓорѓе Јовановиќ.
Јовановиќ припаѓа на генерацијата уметници кои се вклучуваат на сцената во почетокот на 21 век и тој е еден од нашите најприсутни и најактивни уметници на локалната и регионалната ликовна сцена. Неговите дела кои се препознатливи по еден специфичен тип хумор, допираат сериозни теми кои се однесуваат на општествениот контекст, јавниот простор и слободата на изразување, отворајќи прашања важни во актуелните момент.
– Во презентацијата, Јовановиќ ќе се осврне на еден специфичен дел од својот опус, преку дела кои се развивани со цел надминување на фокусот од уметничкиот предмет, во насока на интерактивност и колаборативност. Меѓу делата за кои ќе стане збор се „Депресијата на новогодишната ноќ“ (2005), „Рецесијата на новогодишната ноќ“ (2008), „Исповедите на еден јадач на колачи“(2010), „Изуми за вас, прекрасни луѓе!“ (2014), „Радио Слободно Скопје (2015/16). Преку нив ќе ни открие повеќе и за својата инспирација, неговиот пристап, стратегиите кои ги користи и начините на кои ги реализира делата, како и контекстот во кој се создадени, изложувани и презентирани, велат организаторите.
Јовановиќ е роден 1980 во Скопје. Има реализирано повеќе проекти во чиј фокус се прашањата за интеграцијата и дезинтеграцијата на современиот човек. Реализирал повеќе самостојни изложби во државата и странство, а учествувал и на групни изложби. Добитник е на повеќе награди – Денес за млад уметник за 2009 година, наградата за видео на меѓународниот фестивал „Алтернативен филм/видео“ во Белград, 2009, фестивалот АКТО, Битола, 2012 и Најдобар млад уметник на 10. Биенале на млади уметници за 2013 година

Back to top button
Close