Презентација на творештвото на визуелниот уметник Велимир Жерновски

– Творештвото на визуелниот уметник Велимир Жерновски ќе биде презентирано вечер во Скопје, како дел од Серијата презентации на 10-те македонски уметници. Настанот ќе биде модериран од историчарот на уметност и куратор, Владимир Јанчевски.

Оваа серија разговори е реализирана со финансиска поддршка на од Амбасадата на Швајцарија во Северна Македонија и Министерство за култура.

Во рамки на овие предавања, уметниците ќе направат преглед на своето творештво или ќе претстават избор од своите најрепрезентативни проекти.

Како што се наведува во соопштението на организаторите, оваа програма се реализира преку избор на уметници од различни генерации, кои континуирано се присутни на уметничката сцена, кои со своите дела, темите кои ги обработуваат, и авторскиот интегритет се релевантни до денес.

Уметникот Велимир Жерновски работи и живее во Скопје. Дипломирал и магистрирал на Факултетот за ликовни уметности, Универзитет Св. Кирил и Методиј, Скопје.

Работи цртежи, видеа и фотографии, преку кои ги истражува промените во урбаната култура и прашањата поврзани со сексуалноста и родовиот идентитет, како и прашањата поврзани со постојаната транзиција, како на личниот, така и на идентитетот на сопствената генерација.

Голем сегмент од неговата работа се обележани со три долгорочни проекти Alice, what else is out there? 2007 – 2010 година, циклусот The DISTITLED, 2010 – 2015 во кој се фокусира на родовите теми и нееднаквоста и циклусот BEYOND THE BLACKNESS- до денес, во кој се фокусира на поимите за истражување на вселената, астрофизика и астрополитика.

Има остварено повеќе самостојни изложби во Македонија и странство: Белград (2014), Њујорк (2010, 2012), Париз ( 2011), Виена (2009, 2011), Фрајбург (2009), Скопје (2006, 2007, 2010 , 2012, 2013, 2015) . Учествувал во групни изложби во Србија, Словенија, Косово, Австрија, Германија, Холандија, Македонија, Турција и САД. Тој е куратор и ко-куратор на неколку проекти и изложби и учествувал во повеќе меѓународни проекти и соработки.

Владимир Јанчевски дипломирал на Институтот за историја на уметноста (Филозофски факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје), каде што паралелно со постдипломските студии работел како демонстратор по предметите Современа уметност и Современа македонска уметност (2009-2011).

Од 2004 година организирал, курирал и учествувал на многубројни настани, групни изложби, колаборативни проекти, предавања и јавни дискусии во земјата и странство. Бил член на јадрото на уметничката иницијатива „Кооперација“ (2012-2015).

Автор е на повеќе од 50 текстови за современа уметност и визуелна култура. Се интересира за интердисциплинарни уметнички практики и теорија на сликата, ангажирана уметност и интервенции во јавен простор, иконокластички акти и визуелни конфликти. Во 2019 година добитник е на наградата за развој на ликовната критика „Ладислав Баришиќ“ доделена од Здружението на ликовни критичари АИКА – Македонија.

Back to top button
Close