Преживеана во трагедијата во Кран-Монтана: „Инстинктот за преживување ме изнесе надвор“

Елеонора Палмијери, италијанска ветеринарка од Католика, е меѓу преживеаните во катастрофалниот пожар што избувна во барот „Ле Констелацион“ во швајцарската Кран-Монтана, каде во новогодишната ноќ животот го загубија 40 лица. Со тешки изгореници, Палмијери беше пренесена на лекување во болница во Милано, каде сè уште се опоравува, јавуваат италијанските медиуми.
Од болничкиот кревет, таа на социјалните мрежи објави фотографии на кои се гледаат изгорениците на лицето и завиените раце и шаки, упатувајќи емотивна порака со благодарност до семејството, партнерот и медицинскиот персонал. „Голема благодарност до лекарите и целиот персонал, кои се грижат за мене со голем професионализам и човечност“, напиша Палмијери.
La forza di una donna pic.twitter.com/lOFFRCykUr
— Francesco Borrelli (@NotizieFrance) January 23, 2026
И покрај тешката состојба, таа не ги заборави жртвите од трагедијата. „Моите мисли се со сите оние кои не преживеаја“, порача таа, изразувајќи сочувство до семејствата на настраданите.
Во изјава за италијанскиот весник „Ла Република“, Палмијери се присети на драматичните моменти и начинот на кој успеала да се спаси. „Како се спасив? Не знам. Инстинктот за преживување ме изнесе надвор“, раскажа таа.
Пожарот што ја потресе Кран-Монтана ја претвори новогодишната прослава во една од најсмртоносните трагедии во поновата историја на Швајцарија. Покрај 40-те загинати, повеќе од 115 лица беа повредени, а меѓу жртвите имаше и голем број млади, на возраст меѓу 14 и 21 година. Истрагата за причините за пожарот сè уште е во тек.
Извор: skopje1.mk






