Пријател и непријател со Америка
Во светските медиуми од многу агли „за“ и „против“ се анализира говорот во Европскиот парламент на познатиот економист Џефри Сакс на најактуелната тема во светот „Геополитика на мирот“ посветена на војната во Украина. Не навлегувајќи во разните аспекти на говорот за кој се искажуваат спротивставени мислења – од импозантен, до проблематичен – вниманието ми го привлече една позната, но кај нас подзаборавена мисла на Хенри Кисинџер, кажана многу одамна, која Сакс ја цитира: „Да се биде непријател на САД е опасно, но да се биде пријател е катастрофално“.
Џефри Сакс ова своевремено им го кажал на Украинците како нивен советник и поддржувач во односите со Русија. Но, оваа мисла на стариот лисец Кисинџер совршено се однесува и на нас, особено сега по големата еуфорија од „новото време“ и големото пријателство со претседателот Доналд Трамп како поддржувачи на неговата политика наредени во „првиот ред“.
Од ова големо пријателство во Македонија е направен амбиент дека Америка цврсто ќе застане зад нас со силна економска и политичка поддршка да ги решиме државните и национални стратегиски интереси во односите со ЕУ и со соседите. Добро е што не сме непријатели со Америка, одбегнуваме опасност, но дали пријателството може да се претвори во катастрофа, ако се имаат предвид новите геополитички и економските интереси на Америка, кои се јасно изложени од претседателот Трамп и неговиот тим и веќе се во примена што во Европа и во светот предизвикува голема загриженост.
Да почнеме од посетата на премиерот Христијан Мицкоски на Турција и средбата со претседателот Реџеп Таип Ердоган. По разговорите претседателот Ердоган прецизно соопшти дека двете страни Турција и Македонија, тој и премиерот Мицкоски, имаат заеднички став дека ја поддржуваат идејата оти решението на војната во Газа е да има две држави, Израел и Палестина. Демократскиот свет одамна ја поддржува оваа идеја како најправедна. Но, што правиме со големите пријатели Доналд Трамп и Бенјамин Нетанјаху кои имаат други цврсти определби со појасот Газа и со истребувањето на Палестинците. Како тие ќе ја дочекаат оваа поддршка на пријателот од првиот ред како опасно непријателство, или катастрофално пријателство.
Да се надеваме дека нема да обрнат големо внимание на ваквиот турско-македонски заеднички став, иако е тешко да се поверува оти тоа ќе остане незабележано во односите на Македонија со Америка и со Израел.
Но, да видиме што можеме да очекуваме од претседателот Трамп и од новата американска политика за нашиот најголем проблем во односите со соседите.
Пријателството прерасна во илузија
Во минатата колумна напишав: дали претседателот Трамп ќе размислува повеќе од десет секунди ако дојде во ситуација да бира дали да застане зад Бугарија, или зад Македонија ако се придржува на својата цврста предизборна определба, пред сѐ интересите на Америка. Дали трансакцискиот претседател Доналд Трамп повеќе ќе води сметка за зделката со која Бугарија плати 2,5 милијарди евра за набавка на 16 борбени ловци „Ф-16 Блок 70“, од кои едниот веќе го презеде.
Но, тоа не е сѐ, уште една и пол милијарда долари за транспортери „Страјкер“, плус бази за поддршка и ремонт. Бугарија ќе има други големи зделки со Америка за два американски реактори за нуклерната централа Козлодуј што ќе ги гради „Вестингхаус“ заедно со јужнокорејската компанија „Хјундаи“ во износ од 15 милијарди долари, што е два и пол годишни буџети на Македонија. Во тек се и значајни инвестиции во системите за пренос на гас изградени со американска технологија и пренос на американскиот течен гас за Европа од терминалот во Александрополис во Грција. Во Америка има голема и влијателна бугарска дијаспора, само во Силиконската долина работат околу 12.000 специјалисти и научници кои се Бугари.
Ако ова се спореди со вкупните политички и економски односи на Македонија со Америка и јасните определби на претседателот Доналд Трамп, тогаш нашето пријателство од првиот ред прераснува во опасна илузија, како некогаш панславизмот дека баќушка, големата и силна Русија, ќе нѐ спаси од сите маки и страдања. Некои политички експерти тврдат дека панславизмот одамна е мртов. Можно е да е така некаде, но во Македонија по агресијата врз Украина воскресна, што значи дека не е мртов.
Јасна хеленска наколнетост на Трамп
Грчко-американските односи се уште посилни отколку со Бугарија. Станува збор за историски долгогодишни стратешки и економски врски и силно партнерство, билатерални одбранбени договори за обезбедување на стабилност во источниот Медитеран. Економски Грција има корист од американските инвестиции, особено во енергетскиот, технолошкиот и поморскиот сектор, додека грчката дијаспора игра клучна улога во промовирањето на културните и политичките врски меѓу двата народа. Со децении Грција се противеше на употребата на името Македонија, тврдејќи дека тоа имплицира територијални и културни претензии врз нејзиниот северен регион. Договорот од Преспа од 2018 година конечно го реши спорот со додадавката „северна “ на името Македонија, но тензиите и чувствителноста остануваат.
За време на првиот манадат на претседателот Трамп и неговата администрација политиката на САД покажа јасна хеленска наклонетост. Геополитичкиот став на Трамп фаворизираше силни националистички сојузници, а неговата администрација ја гледаше Грција како клучен партнер во регионот. Покрај тоа, пристапот на Трамп кон меѓународната дипломатија се фокусираше на зајакнување на билатералните односи со сојузниците усогласени со интересите на САД, а Грција со своите стратешки пристаништа и растечкиот енергетски сектор стана уште повреден партнер. Како бизнисмен Трамп ја гледа политиката низ призмата на бизнисот. Економски гледано, она што Грција и Македонија можат да го понудат е многу различно, а Трамп секогаш гледа на економската корист. Тогаш е јасно дека секогаш ќе натежне Грција со своето влијание во Вашингтон, кој и да е претседател на САД.
Добро е што премиерот Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија нивната предизборна пропаганда дека Преспанскиот договор е предавство на националните и државни интереси. Повеќе не станува збор за поништување на Договорот, ниту пак за некакво негово подобрување, туку новата влада ревносно се нафати во негово спроведување во практиката. Повеќе речиси и не се спомнува Договорот со Грција, дури и се призна дека тој бил добар, па требало да има исто таков и со Бугарија.
Доктрината на Глигоров за еквидистанца
И односите на Америка со Србија и со Албанија на економски план се на повисоко ниво. Притоа директно учество има Џаред Кушнер, зетот на Трамп, за големи инвестициски зафати во милијарди долари што исто така ја одредува позицијата на САД. Сето ова мора да го имаат предвид политичари со визија да не сејат илузии дека Трамп ќе удри со тупаница на масата поради зафатениот прв ред на пријателство.
Крајно време е да се спроведува напуштената доктрината на претседателот Киро Глигоров за односи на еквидистанца со сите наши соседи. Доктрина која кога беше изречена врвот на ВМРО-ДПМЕ упати силни критики како на политика на подеднакво лоши односи со сите соседи, спротивно од заложбите на претседателот Глигоров на подеднакво добри односи со сите соседи.
Решнието за стабилноста на Македонија и нејзниот побрз економски развој, припадноста на западноевропската цивилизација е токму во односите со соседите. Отстапките што ги направи Македонија во остварувањето на тие цели ВМРО-ДПМНЕ ги употреби за силна популистичка пропаганда која доведе до самоблокада на европските интеграции и на економскиот развој на Македонија. По освојување на власта покрај силните лажни ветувања за раскинување на договорите со Бугарија и со Грција, сепак, се очекуваше, имајќи ја предвид превласта над слабата опозиција, речиси непречено да се донесат сите одлуки во Собранието што не е непознато во политиката. Едно е пред избори и кога си во опозиција, друго е кога си на власт и ја имаш одговорноста за вкупните состојби во земјата и за нејзината иднина.
Премиерот Христијан Мицкоски и новата влада се вдадоа во потрага по нови партнерства со антиевропски сојузи потпирајќи се на нејасната и неизвесна поддршка на претседателот Трамп и неговата администрација. Впуштањето во таа авантура со многу послаби позиции од соседите во односите со САД, Хенри Кисинџер може да испадне целосно во право кога во други околности кажал дека опасно е да се биде непријател на САД, а да се биде пријател е катастрофално. Со политиките на Доналд Трамп тоа станува уште поизгледно.
Досега владата на Христијан Мицкоски не разјасни пред јавноста каква разврска очекува и која е идејата за ваквите постапки. Ако воопшто се има некаква идеја за иднината на Македонија. Засега е јасно само тоа дека ќе се потрошат стотици милиони евра за предизборната коруптивна кампања на локалните избори со позајмени пари од унгарскиот кредит кои ќе се делат со политички одлуки. За тоа колку ќе чини изгубеното време и нарушените односи со ЕУ ќе биде виновна опозицијата, според добро познатиот рецепт на владеење на ВМРО-ДПМНЕ. (Nezavisen)
Ерол Ризаов