Пријава против едно лице поради сомнение за сторено кривично дело „Намерно предизвикување стечај“
Како што информираат од Управа за финансиска полиција, пријавениот Т.З. во својство на сопственик и управител на Друштво за производство, трговија и услуги ШКОЛКА ДООЕЛ Демир Капија, свесно и со умисла, а по добиени насоки, напатствија и совети и во заеднички договор со управителот на правното лице ГАМА ВИНЕРИ ДОО Гевгелија – Александрос Манасидис, на ден 01.06.2022 година го основал правниот субјект ШКОЛКА ДООЕЛ Демир Капија, го ставил на располагање истиот како средство за извршување на кривичното дело НАМЕРНО ПРЕДИЗВИКУВАЊЕ СТЕЧАЈ по член 254 од Кривичниот законик на РСМ, на начин што преку ШКОЛКА ДООЕЛ Демир Капија го презел целокупното деловно работење, како и сервисирањето на побарувањата и обврските во име и за сметка на ГАМА ВИНЕРИ ДОО Гевгелија, освен обврските кон две физички лица – Д.Т. и З.Б. и едно јавно претпријатие – ЈПКР БОШАВА ЦО Демир Капија, на кој начин првопријавениот овозможил, по поднесен предлог од страна на наведените лица, во својство на доверители, на ден 02.10.2024 година над ГАМА ВИНЕРИ ДОО Гевгелија да биде отворена стечајна постапка, и притоа со таквиот начин на постапување, првопријавениот Т.З. оневозможил Управата за јавни приходи од ГАМА ВИНЕРИ ДОО Гевгелија, по основ на Решение за присилна наплата на парични побарувања спрема должникот ГАМА ВИНЕРИ ДОО Гевгелија, да наплати побарувања по основ на даноци во вкупен износ од 24.855.579 денари, од кои 20.452.000 денари данок на додадена вредност и 4.403.579 денари персонален данок на доход, за кој износ е оштетен Буџетот на РСМ.
Дополнително, првопријавениот Т. З. , во својство на сопственик и управител на Друштво за производство, трговија и услуги ШКОЛКА ДООЕЛ Демир Капија, од деловното работење на правниот субјект присвоил парични средства во вкупен износ од 4.145.899 денари од дневниот промет на правниот субјект, за кои средства, во сметководствената евиденција не пресметал, не евидентирал и не уплатил персонален данок на доход во износ од 460.609 денари по стапка од 11.11 проценти и данок на добивка во износ од 414.590 денари по стапка од 10 проценти, на кој начин пријавениот го оштетил Буџетот на РСМ по основ на даноци за вкупен износ од 875.199 денари.