Пријавени нови 47 случаи на голема кашлица во изминатата недела, хоспитализирани шест од нив

Нови 47 случаи на голема кашлица се регистрирани во земјава изминатава недела, поточно во периодот од 7 до 13 јуни, што е зголемување од 23,7 отсто, споредено со претходната недела. Од новите случаи, според Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), шест лица се хоспитализирани.

Најголем дел од случаите се пријавени во Скопје – 36, а другите случаи се од Тетово, Куманово, Прилеп, Охрид и Крива Паланка.

„Во однос на вакциналниот статус на заболените, 35 лица се некомплетно вакцинирани, невакцинирани или имаат непознат вакцинален статус. 11 се комплетно вакцинирани, а едно лице е вакцинирано согласно возраста“,се вели во извештајот на ИЈЗ.

Според Институтот, заклучно со 13 јуни, во земјава се регистрирани вкупно 746 случаи на голема кашлица, што претставува неколкукратно зголемување на бројот на заболени во однос на изминатиот петгодишен период, од 2019 до 2023 година, кога биле регистрирани вкупно 10 случаи.

„Дистрибуцијата по пол покажува дека 350 лица се од машки, а 396 од женски пол“,се додава во извештајот.

Според ИЈЗ, во тек се две епидемии, на ниво на територија на Скопје и Куманово.

Од 18 јануари до вчера, биле дадени вкупно 54 212 дози вакцина со компонента против голема кашлица.

Back to top button
Close