Пријавените и по пријавата во Обвинителството си добивале ЕУ-фондови

Предистражната постапка водена од јавен обвинител не е ограничена со рокови за нејзино спроведување, објаснуваат од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Затоа таа и по скоро четири ипол години е сѐ уште незавршена. Нота.мк открива дека и по пријавата во Обвинителството средства од Националната агенција се слеваат кај пријавените лица. На фирмата на едното од пријавените лица има уплати од министерства, општини, центар за култура, институт, агенција за поттикнување развој, но и од Основното јавно обвинителство во Битола.

 

Според достапни трансакции кои Нота.мк ги анализираше, од 25.03.2020 до 08.03.2024 година, односно по пријавата до Обвинителството за злоупотреба на ЕУ-фондови, поднесена на крајот на декември 2019 година, првопријавената фирма за злоупотреба на европски пари има добиено вкупно 17.598.932 денари или околу 288.507 евра од европски фондови. Парите и натаму непречено се влеваат преку училишта, универзитет, но и дом за стари лица.

Во листата со трансакции од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност се гледа дека пари се уплатени и на пријавени образовни институции. Така, на 19.05.2021 струшко училиште добива 1.879.123 денари, од кои на 14.06.2021 година ѝ уплаќа на првопријавената фирма 688.342 денари. На 28.12.2021 година универзитет, кој преку лице потпишано на тендерска документација се наоѓа во пријавата до Обвинителството, добива 2.615.930 денари, по што во три трансакции на 22.02.2022 година ѝ уплаќа 741.496 денари на првопријавената фирма.

Воочливо е дека училишта по добивањето на парите, и во периодот по поднесената пријава, идентичната или скоро идентичната добиена сума ја префрлаат на прво или второпријавената фирма. Така, училиште од Охрид добива 368.750 денари, по што истата сума ја уплаќа на второпријавената фирма. Друго, исто така од Охрид уплаќа околу 2.000 денари помалку.

transakcii eu fonddovi

Пријавената злоупотреба не спречила уплата на ЕУ-фондови и други пари

Претходната директорка на Националната агенција, Лидија Димова, за Нота.мк тврдеше дека ги замрзнала средствата наменети за субјекти вмешани во злоупотреба на европски фондови. Нејзиниот наследник, м-р Марко Ѓоргиевски, во интервју за Факултети.мк на 12.04.2021 година изјави: „Согласно своите надлежности можам да кажам дека Националната агенција за европски образовни програми и мобилност ги суспендира сите проекти што се цел на истрага“. Зачера (01.04.2024), пак, во интервју за ТВ 24 тој рече дека не знаел дека парите од спортните проекти се блокирани. „Јас немам информација дека се тие замрзнати“, одговори Ѓоргиевски, кој од ноември 2020 година е директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност.

Marko Gjorgievski vlada

Од 24.01.2020 до 12.07.2023, само од уплати од училишта со назнака Еразмус или Еразмус+, второпријавената фирма добила вкупно 2.558.134 денари. На нејзина сметка меѓу 14.05.2020 и 30.12.2021 година, и Владата уплатила пари – 1.070.495 денари. Од Министерството за труд и социјална политика на второпријавената фирма на 29.12.2021 ѝ уплаќаат 354.320 денари, а од Министерство за економија на 24.12.2020 година таа добива 430.000 денари. Второпријавената фирма во Обвинителството во Скопје добила и 20.000 денари од Основното јавно обвинителство – Битола на 25.09.2023 година.

Злоупотребувач на ЕУ-пари со кариера

Првата фирма е во официјално сопствеништво на второпријавеното лице. Првопријавеното лице, поединци упатени во шемата со измамата со европски пари, го ословуваат како „кумот на целата мрежа“, кој со блиски соработници и волонтери прави проекти и извештаи во име на организации од Шпанија, Бугарија, Естонија, Турција, Португалија. Ова лице контролирало странски и домашни здруженија и фирми, водени од негови лица од доверба. Поради него, Македонија еднаш била суспендирана од европските фондови. Нота.мк пред две недели објави документ од ОЛАФ – телото на Европската комисија за борба со измами, кој е од 2013 година и се однесува на ова лице, за кое имало истрага за злоупотреба на европски фондови, но по враќањето на парите од страна на државата, ОЛАФ ја затворил истрагата.

OLAF izvestuvanje vrateni pari 2013

Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, според закон, е финансирана од македонскиот државен буџет и од пари од Европската комисија. И во повторениот случај на злоупотреба на европски пари – сега над 2,2 милиони евра, тие ќе се враќаат од буџетот на Македонија.

Првопријавениот, во 2016 година организирал група луѓе „со цел прибавување противправна имотна корист, на начин што ги злоупотребил европските фондови наменети за подобрување на образовните процеси во Република Северна Македонија“, стои во пријавата поднесена пред четири ипол години од страна на Лидија Димова. И од нејзината пријава, а и од комуникацијата со други упатени лица, произлегува дека првопријавеното лице одело по образовни институции убедувајќи ги вработените да им биде консултант, кој ќе им го напише проектот, ќе излобира во Брисел да го добијат и со неговиот тим ќе им помогне да го спроведат. Наставниците прифаќале да ги уплатат парите, за да не заглавеле со проектот, како што им се кажувало, а за возврат добивале неколку патувања на кои со учениците требало да се доусовршат. Првопријавениот „организирал и деловен простор кој се користи за менаџирање на сите овие споменати проекти“, стои во пријавата од 2019 година. Заедничко за сите проекти било тоа што се случувале исклучиво со наведените правни субјекти во пријавата.

Училиштата биле поттикнати да направат објават јавни набавки, кои ја ограничувале конкуренцијата. Во тендерите тоа се правело со барање меморандум за соработка со конкретни организации од Бугарија, Словенија, Португалија, Шпанија и Естонија. Во пријавата стои и дека во огласите се наведувала авансна исплата од 80% кон економскиот оператор, што било спротивно на Законот за јавни набавки.

Обвинителството немало рок за предистрагата

Нота.мк праша во Обвинителството зошто во март 2024 година се спроведува предистражна постапка за случај пријавен на крајот на 2019 година? Во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција бил отворен предмет по кој јавен обвинител презел предистражни дејствија, „меѓу кои издал и наредба за економско-финансиско вештачење“.

„Во меѓувреме е пристигнато известувањето на Управата за финансиска полиција со која обвинителството е известено дека ОЛАФ презема активности поврзани со европски средства што апликантите со проекти ги добиле како грантови од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност за што е оформен нов предмет. Со оглед дека станува збор за ист временски период, предметите се споени и по нив постапува еден јавен обвинител. По добиено известување од Управата за финансиска полиција и реализирани работни средби со претставници на ОЛАФ, е утврдено дека со истрагата на ОЛАФ  се опфатени повеќе субјекти од првично пријавените“, информираат од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Иако се поминати четири ипол години од пријавата, од Обвинителството објаснуваат дека рокови за ограничување на предистражната постапка нема.

makedonija pari

„Според ЗКП, предистражната постапка се води со цел да му се обезбеди доказен материјал на јавниот обвинител врз основа на кој ќе оцени дали индициите што се содржани во определена пријава како првични сознанија преминале во основано сомневање, како повисок степен на сомневање и ќе му овозможат да донесе наредба за спроведување на истражна постапка или дали врз основа на истите ќе ја отфрли пријавата. Во контекст на ова дозволете да напоменеме дека преистражната постапка не е ограничена со рокови за нејзино спроведување“, објаснуваат од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Молчаливи функционери

Во пријавата до Обвинителството е наведено и дека е утврдена злоупотреба на лични податоци преку „неовластено влегување во системите на Европската комисија“. Во неа е наведена злоупотреба на над 2,2 милиони евра. Нота.мк уште на 18.03. годинава прва информираше дека ОЛАФ бара враќање во Европската комисија на оваа сума на пари. По десет дена тоа на прес-конференција го потврди и директорот на Националната агенција. Ден пред пресот тој вети дека ќе испрати одговори на прашањата, но нив никогаш не ги добивме.

Димова најпрво за Нота.мк изјави дека поради оваа пријава ѝ се случил притисок во седиштето на СДСМ од тогашниот лидер и премиер Зоран Заев во присуство на Нола Исмајлоска-Старова. Поранешната пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ, која по гласањето за промената на името на државата стана Национален координатор за евроинтеграции во Владата, не одговори на прашањата на Нота.мк зошто пред неа било побарано од Димова да ја повлече пријавата и каква е нејзината врска со првопријавеното лице?

Македонија треба да врати 2.276.212 евра за кои ОЛАФ утврдил дека се злоупотребени во земјата.

Back to top button
Close