Пријави за бомби во пет училишта во Кавадарци се лажни, соопшти полицијата по направените проверки.
Направени се сите потребни проверки во врска со денешните пријави од училишта во Кавадарци, дека на електронските адреси на училиштата, била испратена закана за поставена експлозивна направа. Утврдено е дека станува збор за лажни пријави. Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на училиштата и по извршени проверки, утврдено е дека станува збор за лажни пријави“,вели портпаролот на СВР Велес, Ристо Самарџиев.
Дека станува збор за лажни дојави набргу потврди и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски. Зборувајќи за последните пријави во Кавадарци, министерот обелодени дека според првичните информации станува збор за пријави испратени од адреса со домен во САД.
„Според првичните сознанија коишто ги добивме станува збор за домен креиран надвор односно во САД и тоа покажува за сериозноста на ваквите хибридни напади. Многу тешко е обезбедување на сите докази бидејќи станува збор за транснационален криминал. Така да по добивање на каков било податок стапено е во контакт со надлежните служби и партнерските служби за да бидеме во ситуација да обезбедиме повеќе докази и да може да се прекине целиот овој процес“,рече Спасовски.