При инспекции на Деве Баир, кај „Беса Транс“ досега не се утврдени пропусти кај документацијата и лиценците, тврди ДТИ

Ако автобусот немал извод од лиценца, Царинската управа требаше да му забрани излез од земјата, вели директорот Хусеини за Телма

Во последната година се извршени четири вонредни инспекциски надзори на граничниот премин Деве Баир каде „Беса Транс“ вршела слободен меѓународен превоз на патници и притоа се утврдени неправилности во однос на непочитување на Протоколот за јавен превоз на патници и фирмата е соодветно санкционирана, но не се утврдени и пропусти во однос на документацијата и потребните лиценци, тврди директорот на Државниот инспекторат за транспорт, Руфат Хусеини.

„При надзор, инспекторите ја прегледуваат комплетната документација, лиценца, извод од лиценца, сертификат за возачи. Но, фирмата немала такви пропусти при вршење на контролите. Прашањето е кога е купен автобусот, дали работел цела година, колку време работел – тоа треба да го каже Царинската управа зашто таа води таква евиденција. Ако автобусот немал извод од лиценца, Царинската управа требаше да му забрани излез од земјата“,

вели Хусенини во изјава за Телма.

По насоки на Владата донесена е наредба за вонреден инспекциски надзор. Се собира документација од Министерство за транспорт за лиценцата, изводите од лиценцата, вработените возачи, и наредните денови да се изврши вонредниот надзор, а по наодите што ќе се откријат, ќе се преземат соодветни мерки, објасни Хусеини.

Според него, Државниот инспекторат не „спие“, туку не е надлежен за безбедност на сообраќајот.

„Безбедноста на сообраќајот ја контролираат МВР и Министерството за транспорт. Често добивме вакви обвинувања и прашања кои не се во наша надлежност. Ние вршиме надзор на актите што ги издава Министерството за транспорт и врски, а тоа се лиценци, дозволи, изводи од лиценци, сертификати за возачите кои и ако ги нема, не може да дојде до сообраќајна незгода“, вели директорот Хусеини.

Back to top button
Close