Придонес за на плажа
Ние Македонците имаме долгогодишна и конзистентна традиција, малку мачоистичка, ама веќе етаблирана. Во нашите семејства, по правило жените одлучуваат за неважните и споредните работи: каде ќе одиме на одмор, каков автомобил ќе возиме, каде ќе живееме, како ќе се троши домашниот буџет и слично. Мажите, пак, дебатираат и одлучуваат за важните работи: каде оди Македонија, што се случува во регионот, какви се геостратешките предизвици во светот, дали ќе има нова светска војна и така натаму.
Е сега, во лето, овие полемики традиционално се селат на некоја плажа, со пиво или ракија, во маичка без ракави (за да се спасиме од промаја на половината, секако), со расечена лубеници или салата, и со повремени паузи од продуховената промисла за светските текови, за мачкање нов слој „Копертоне“ и дерење по децата дека им се модри устите. Во меѓувреме, имаме неспорен напредок: ги заменивме Шуламина за Халкидики, и „Боролете“ папучите за модерни апостолки, ама другото остана. Остана и овој вид на воајеризам во кој грижите за нашата судбина ја перцепираме на едно површно, дистанцирано ниво, како да се работи за мала криза во Сиера Леоне, а не сериозни проблеми кои ни се случуваат под нос. Затоа сме тука ние, колумнистите и аналитичарите, да дадеме придонес за почитуваните колеги од плажите, и малку гориво за овие „Копертоне“ муабети, со понекој осврт на периодот кој ни следува.
ЕУ – интеграции
Прво малку за мојата вечна тема – ЕУ интеграциите, во период кога Албанија го отвори последното поглавје, а ние одбиваме да го отвориме првото. Ако ги прескокнеме овие шлагворт настани околу последниот пинг-понг со Брисел и Бугарија, остануваат клучните дилеми: ако го одбиеме планот за ЕУ (со сите компромиси), имаме ли друг план, и каква е нашата суштинска позиција кон ЕУ? Да немаме илузии: нам ни треба ЕУ повеќе одошто ние сме им потребни ним. Прашањето на интеграцијата веќе не е само прашање на сојузништво, туку дебата за тоа дали можеме да го задржиме општеството ако го прекинеме тој процес? Годините зад нас треба доволно да ни покажат што се случува со државата, економијата, здравството, и со вкупниот „систем“, кога сме надвор од реформите. Дополнително, се соочуваме со сериозен демографски предизвик – оние кои сакаат во ЕУ, веќе се таму. Имаме стотици илјади иселени, и уште стотици илјади со бугарски пасош. Сега на тоа додадете и илјадници Албанци кои ќе земат албански пасош, и пресметајте со колку стотици илјади способни мислите дека располагаме? Ако овие трендови продолжат, нема да остане кој да плаќа за здравство, за пензии, нема да остане кој да работи. Фактот што оваа ерозија се случува во „слоу моушн“, не значи дека не се случува. Затоа, треба сериозно да размислиме до каде, во овој нестабилен светски поредок, ќе ја „тенчиме“ нашата гордост. Можеме, ако вака продолжиме, целосно гордо и монументално да пропаднеме.
Дилемите за ДУИ и Влен
На домашна сцена, работите се повеќе или помалку предвидливи – нема потреба да се грижиме за „српски свет“, ние секако се движиме во едно српско сценарио – една силна партија на власт, наспроти една целосно девастирана, поделена, и импотентна опозиција, која сеуште не може да го најде својот вистински наратив и пристап. Можеби после локалните избори ќе има некои мини турбуленции во СДСМ, но тие најверојатно ќе завршат на едно козметичко ниво – без суштински промени, а уште повеќе ослабени. Така, статус кво ситуацијата ќе продолжи, што во иднина ќе му создаде проблеми и на ВМРО ДПМНЕ, давајќи им целосна контрола, но и одговорност за сите состојби во државата.
Единствените интересни можни придвижувања се можни кај Албанците – таму една нестабилна ситуација – коалицијата со помалку политички капитал е на власт, што е една во основа нестабилна ситуација, па со тоа и поинтересна за анализа. Имајќи предвид дека ДУИ засега има повисок рејтинг, но ВЛЕН ја има поддршката од нивниот коалиционен партнер (ВМРО ДПМНЕ не крие дека ќе ги поддржи сите кандидати на ВЛЕН кои ќе влезат во вториот круг), може да добиеме нов парадокс: ДУИ да има повеќе советници, а ВЛЕН повеќе градоначалници. Така, двете коалиции ќе прогласат победа, а ВМРО ДПМНЕ ќе има луксуз да избира коалициски партнер кој нему повеќе му одговара. Од друга страна, доколку резултатот е драматично во полза на ДУИ, тоа ќе создаде нов притисок за легитимитетот на албанскиот партнер во владата, и можеби ќе резултира со предвремени парламентарни избори. Затоа, општините како Чаир, Гостивар, Тетово, ќе бидат поинтересни од македонските во овој циклус локални избори – зашто резултатите од овие општини ќе го формираат вкупниот политички амбиент во следните година дена.
Затоа, не е лошо, од плажите на Халкидики, додека замислено и мудро гледаме кон морската далечина, малку и да се запрашаме околу главните постулати на нашата иднина. Како ќе обезбедиме континуирана функционална мултикултурна демократија, кога имаме нов антагонизам помеѓу етнитетите, и кога за главните стратешки правци за државата имаме дијаметрално спротиставени мислење? Kој е квантен имот скок, кој знаеме дека ни е неопходен, кој ќе овозможи пробив кон вистинска економија и уредено општество? Ако не преку ЕУ, преку кој механизам ќе обезбедиме владеење на право, борба против корупција, замена на сегашниот клиентелизам со меритократија, и вистинска слободна демократија? На тема на овие ситни предизвици, ви посакувам плодна дискусија на плажите. И олабавете ги децата, и ним им е одмор. (Dw)
Петар Арсовски