Прифатен приговорот на Атанасов, за ректор на УКИМ седум кандидати

 Комисијата за избор на ректор на „Св. Кирил и Методиј“ денеска го усвои приговорот на проф. д-р Петар Атанасов и објави конечна листа во која и тој е наведен за кандидат за ректор заедно со шесте кои претходно беа соопштени.

За ректор на Скопскиот универзитет за мандатниот период 15 септември 2020 – 15 септември 2023 година Универзитетската изборна комисија ги прифати кандидатурите на проф. д-р Петар Атанасов од Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања; проф. д-р Јане Ацевски и на проф. д-р Коле Василевски од Шумарскиот факултет, проф. д-р Драги Димитриевски од Земјоделскиот, проф. д-р Александар Димитров од Технолошко-металуршкиот факултет, проф. д-р Вујица Живковиќ од Факултетот за физичко образование и кандидатурата на актуелниот ректор – проф. д-р Никола Јанкуловски од Медицинскиот факултет.

Атанасов беше изоставен од листата зашто Комисијата констатираше дека тој не поднел комплетна документација согласно со условите на јавниот оглас за избор на ректор на УКИМ, објавен на 30 мај 2020.

УИК тогаш соопшти дека не била во можност да пристапи до содржината на  Програмата за работа која Атанасов ја поднел електронски и ја заштитил со лозинка, притоа оставајќи му можност за приговор до петокот. Атанасов со отворено писмо реагираше за дисквалификувањето од трката за ректор, поднесе приговор кој Комисијата го разгледа и го усвои.

Back to top button
Close