Приказна и наравоучените за другарот Заев: Бојко нека си ја тера неговата, а ти твојата работа!?

Пред да отпатува за Софија, кај бај Бојко, другарот Заев нека ја прочита оваа животна приказна. Моја, лично, но, така слично ќе му напишат и многумина други од западна и централна Македонија. Зошто токму од овој регион и зошто токму мојата приказна?

Прво, затоа што, на овие простори, токму јас – многу смело и помалку дрско, му напишав: Потпишувај без окце да ти трепне!? Стануваше збор за договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија. И второ, затоа што самиот потекнувам од западна Македонија.

Можеби наивно, но, ете, целата младост – од дедо ми Ангеле до професорот Конески, сум ја минал со сознанието дека нашиот роднокраен говор е македонски, дека токму тој говор – се до варијациите во велешко и прилепско, е втемелен во кодификацијата на современиот македонски литературен јазик.

Сосема кратко ( и јасно!) другар Заев. На бај Бојко ќе му кажеш дека таму некаде во западна Македонија, постои едно село Црвена Вода. Со тоа село се врзани сите државотворни македонски белези, од Втората светска војна наваму.Во тоа село, во април 1949 година, е роден извесен Веле Митаноски.Татко му Ристо е роден 1927, а дедо му Ангеле пред Илинденското востание.

Во моето село никој не зборувал бугарски и не проповедал некакви бугараштини и слични будалаштини – ниту во турско, ниту во каурско!

Како и да е, станува збор за меморија од, еве да речеме, два века. Никој пат од дедо ми не сум слушнал дека во Црвена Вода, било кој зборувал бугарски, или дека проповедал некакви бугараштини и слични будалаштини. Ниту во турско, ниту во каурско.

Да, сум слушал за надворешни владенија, како: во турското, во српското, во бугарското, во (и)талијанското…Сум слушал дека братот на Ангеле, дедо Петре, бил земен во Балканските војни да се бори против турското, за српското, или бугарското време (интереси)! Онака, како што еден друг Петре (М.Андреевски) објаснува во неговите романи, како двајца браќа се гледале на нишан – еден од српското, друг од бугарското време!

И уште нешто. Кога дедо ми Ангеле ни раскажуваше за својот брат, кого повеќе не го видел ниту му се знае гробот, обично го користеше зборот, именката бај Гањо. Ние тогаш не ја знаевме приказната за бај Гањо, ама така ги доживувавме нашите источни братја.

Овој, извесниов, Веле Митаноски, денеска има 72 години. Во сите овие години, никогаш не слушнал за Бугари по корен, во неговиот крај. А за Бугари – од интерес, од мака и зорзоман, слушнал. Да, за Македонци кои побарале бугарски пасош. Но што има тоа врска со македонскиот јазик? Ако пасошот значи национална определба, што би рекла красивата б`лгарска потпретседателка Јотова, тогаш Б`лгари се и сите Роми, Албанци, Турци и останати од Македонија, кои зеле пасош за да се вработат на запад, или, барем, да купат некое издрндано лимузинче со бугарски таблички!?

Ете, тоа ќе му го кажеш на бај Бојко, другар Заев, ама на начин како и кога договорот го потпишуваше: ич окце да не ти трепне! Инаку, маф ти е работата.Каква ЕУ, какви бакрачи! Побарај го, живо е детето бегалче од Костурско, Стојан Киселиновски: “Ако ја предадеш татковината и гробот те проколнува”!

Како натаму со Бугарија и Бугарите?

Без возбудување! Без понизност! Без себепотценување!Без сервилност!

Тие нека си е тераат нивната работа (кауза) ние нашата. Онаму каде ќе се најдеме на исто – искрено,братски и пријателски, може и заедно да ја тераме. Ако Гоце Делчев, навистина, многу им значи во митологијата, во неотсонуваниот Сан стефански сон – пеќи! Ќе го славиме! Сакаат заедно, сакаат одделно. Според заслугите на самиот Делчев – и кон бугарската и кон македонската кауза.

Но само толку. Ниту повеќе, ниту помалку. Има паметни Бугари, рашетани по светот, како на пример професорот Ивајло Дичев, даскал по културна антропологија на Универзитетот во Софија и предавач на универзитети во САД и Франција, кој, веќе, му кажаа на бај Бојко: наместо да спориме чиј е Гоце Делчев, нели е подобро да изградиме заедничка магистрала која ќе го носи името на тој наш херој?   

Kодификацијата на македонскиот јазик е завршена работа. со стандардизацијата во Обединетите Нации од 1977, кога е признат како таков и за тоа никој жив нема право да разговара, а уште помалку да преговара.

Каков Тито, каква комунистичка творба? Уште во 1903 година: „јас ја написаф на централното македонско наречје, које за мене от сега на тамо имат да бидит литературен македонцки јазик“(Крсте Петков Мисирков: – „Македонцките работи“).

Бугарскиот меморандум е изнудувачка, уценувачка алатка на моментумот.Бугарска направија: демек-сега му е мајката! Исто како што беше словенечката, во однос на Хрватска во нејзините преговори.Што постигнаа освен неколкумесечно забавување на процесот и тоа не за ирационално, туку за конкретно територијално спорење, што е многу поголем политички проблем.

Земете го примерот со Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) и Сојузот на бугарските писатели (СБП). Можеа три децении, се до 2017 година, да соработуваат врз основа на договори потпишани на македонски и на бугарски јазик. Наеднаш, ете така случајно, побараа „мали корекции“ кога дојде времето за бугарската подршка на Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ. Многу јасни мотивите: „Тие мали корекции се по желба на нашата комисија за меѓународна соработка при Управниот одбор и се поврзани со позициите на Бугарската влада за подршка на Р. Македонија во нејзината целокупност и на нејзиниот пат кон ЕУ“.

Дали со тоа се изложуваме на ризик во европскиот пат. И да има мал ризик ќе го понесеме. Ние, а не Бугарите сме на патот на новиот европски идентитет. Бугарите се тие кои треба да се себесоочат со сопствената амнезија за улогата и страната – во Втората светска војна:“комплексот на инфериорност во однос на големите европски култури, не може да се компензира со историска митологија Зошто Балканците го табуизираат минатото? Затоа што нивниот национален идентитет е нестабилен и несигурен (Барџиева: Европска меморија versus бугарска амнезија”- Дојче веле)

Ризиците се понекогаш плодотворни

Еве еден пример: извесен Веле Митаноски, во раните деведесетти години на минатиот век, од свои извори, беше дознал дека во Охрид се одржува тајна средба Глогоров-Милошевиќ. Ако Глигоров одлучил да биде таква средбата, сигурно знаел што прави. Ако извесниот Митаноски сакал да ја обелодени, сигуирно имал имал причина зошто. Едноставно, бирал измегу професијата и пријателството со Претседателот. Дали имало ризик? Бездуго дека имало.Што тој Митаноски добил од тој ризик? Добил многу, странските медиуми кои ја објавија информацијата, се повикаа на малиот ББЦ (Супер радио) од Балканот!

Секако, главното прашање, беше и е што изгубил Митаноски од таквата дрскост? Речиси ништо. Кога на Глигоров, Снежана Османли (Бог да ја прости!) и Ахил Тунте му кажале, какви се намерите и што направил тој, “неговиот Митаноски!“, Претседателот одговорил: Тој нека си ја работи својата, а вие вашата работа!

Веле Митаноски

Back to top button
Close