Приказна за едно ново сопатништво за време на корона

(20 јуни 2020, една летна студена приквечерина во Малешевијата)

Знам дека периодов во кој живееме е исклучително црн. Особено знам, зашто во последниот период на Фејсбук имам повеќе објави со ,,Последен поздрав” за драги луѓе кои нè напуштија, а срцето ми е стегнато за сите кои ги знам и кои се борат со ,,короната” или живеат во страв од неа, но, сепак, вечерва просведочив толку прекрасен момент, што сакам да го споделам со вас и можеби ќе ве оттргнам за момент од актуелностите.
За прв пат патувам надвор од Скопје, службено, од февруари наваму, а за прв пат и приватно, а тоа да не е Прилеп.
Деновиве сум низ Македонија, а викендов во североисточниот регион, каде денеска во Берово, за прв пат седнав на вечера во ресторан, по цели четири месеци, откако вчера го испив и првото кафе во бар и надвор од дома, од 6 март наваму.
Чудно ми беше – сите гости оддалечени преку една маса. На маса нема повеќе од двајца. Маски и визири врз лицата на вработените, придружени со ракавици на рацете, па дезинфициенси на секоја маса каде што може да се седи, избегнување долги објаснувања со персоналот за нејаснотиите во менито.
Земаш прибор за јадење, малку се чувствуваш уплашено, па го пребришуваш, иако сјае од чистеното. Пак мачкаш раце со дезинфициенс. Ја пребришуваш масата. Нема врска што е чиста. Па се прскаш со 70-процентен алкохол. Јадеш, ама непријатно ти е дека не носиш маска на јавно место, па ти текнува дека ја држиш препорачаната дистанца и дека можеш да ја симнеш маската. Чашата за пиење ја земаш, но, ја фаќаш со врвовите на прстите. Повторно прскаш етанол. Во тоалет се обидуваш да не одиш, а луѓе ако минуваат покрај тебе, ја вртиш главата и се навалуваш кон страната спротивно од нив.
Сите сами, сите по двајца. Ги мумламе низ свенатост новите бројки, кои нè ужаснале.
И тогаш, се случи моментот кој ме исфрли од сивилото на ,,новото нормално” и ми посочи на убавината на животот и радоста на луѓето кои не ги знаеш, а те направиле и тебе среќен. А месециве изминати, баш и многу среќа не споделувавме.

Одеднаш, слушаш дека од староградска музика се префрлило звучничето на ,,Лутка” од С.А.Р.С. и приоѓа келнерка на масата која иако е преку три метра, ја сметаш за соседна и и’ се приближува на девојката која на масата седеше со едно момче, подавајќи и’ плико од дистанца, обраќајќи и’ се со име и презиме, чинам иницијалите би биле Х.Н. Ни дојде малку чудно на другите две маси околу нив, зашто не гледате секој ден пликоа за гости во ресторан. Но, c’est la vie.
Почнува стихот на песната: ,,Ko mi tebe posla?” и момчето станува од столот, клекнува пред масата, а од џебот вади црвено кутивче, жарко како и неговото лице во моментот. Девојката во моментот веќе ги ставила рацете возбудено изразувајќи воодушевеност. Воскликната, додека во заднина се слуша стихот: ,,I samo te gledam, osećaj je izvanredan…” и’ се тркала солза сјајна колку и очите на момчето кое чекаше одговор на прашањето поставено во писмото полно љубов. Вознесено му одговори: ,,Да!”, додека повеќе од половината гости во ресторанот, кои дури и од масите преку 15 метри, заедно со персоналот почнавме да ги поздравуваме со аплауз и по некое срамежливо извикнато: ,,Честитки!”. Станаа. Се гушнаа. Ние сите околу насмеани. Возбудени и радосни за среќата на луѓе кои не ги познаваме.
Во заднина се слуша:
,,Lutko ja sam rešen da večno s tobom plešem
Pogled tvoj me srami, al’ mi strašno godi
Miris tvoj me mami, dodir tvoj me vodi.”
Двајцата танцуваат. Ние го сведочиме нивниот прв танц како верени сопатници низ животот. Ништо друго не ни минува во главата, освен убавите и среќни моменти. Радосниот плач нејзин и преозарената насмевка негова. Седнаа. Им се јавија на сите блиски. ,,Имаш снаа!”, ,,Да! Ме побара! Мислев следната вечера, ама ме изненади.”, ,,Да, супер испадна планот!”, ,,Чекај на камера да видиш…”.
И продолжија така со ,,Што пијат гостите, дете, почести ги!”, велејќи му на келнерот. И така весело, нивната среќа за сите нас, сè додека не дошол 21:45 часот и ни рекоа дека треба да си одиме, зашто инспекторите веќе почнале да доаѓаат за да се затвори се’ до 22ч. според правилата поради пандемијата.
И се вративме во реалноста.
Но, на излегување им честитав повторно, посакувајќи им долг заеднички живот и заблагодарувајќи им се што при првото излегување надвор од дома, ќе имам вакво сеќавање: ,,Еее, на времето се сеќавам, кога прв пат излегов на вечера во ресторан кога беше пандемијата пред 20-30 години, присуствував на зачнувањето нов сопатнички живот, на двајца вљубени. Ех, времиња од кои #PamtimSamoSretneDane!”. ❤

Обично не бев фан на јавни запросувања, но, или сум остарел па се разнежив – или навистина Универзумот сфати дека на овој свет му е потребна светлина, па на тие кои бевме во ресторанот ни ја упати преку овие двајца вљубени.
Како и да е, за убаво да е. И сите кои сега се борат со кобната пандемија, да ни се вратат наскоро по друштвата, па макар и од дистанца заедно би просведочувале убавини и среќни моменти, здрави и насмеани.

Чувајте се! Љубете се! Сакајте се! 🥰🤗😍😘 ❤🧡💛💚💙💜

#KissesToAll!!! <3<3<3

 

Огнен Јанески

Back to top button
Close