„Приказната за Силјан“ доби и номинација за награда во категорија за исклучителен продуцент

„Приказната за Силјан“, филмот во режија и продукција на Тамара Котевска заедно со директорот на фотографија и продуцентот Жан Дакар доби уште едно од најзначајните признанија во документарниот свет – номинација за награда на Здружението на продуценти на Америка (Producers Guild of America) во категорија „Исклучителен продуцент на документарен филм“ (Outstanding Producer of Documentary Motion Pictures).

 

„Оваа номинација за награда можат вистински да ја разберат само оние кои навистина го живеат филмот. За нас ова признание е за сите денови, ноќи, жртви и години посветени на оваа приказна, за животот на терен, за довербата што ни ја дадоа протагонистите и за моментите кога камерата престана да биде камера и стана дел од светот што го снимавме,“велат Котевска и Дакар.

Здружението на продуценти на Америка (ПГА) наградува автори што преземаат повеќе функции во создавањето на филмот и се изложуваат на големи и често натчовечки напори за да реализираат автентично документарно дело.

 

 

Во документарниот свет, каде авторите често се и режисери, и продуценти, и сниматели, и истражувачи, и теренски координатори, ваквото признание е потврда за нивната целосна посветеност.

 

Филмот е сниман во Овчеполието, а процесот на неговата реализација траеше три години. Снимањето се одвиваше во екстремни услови, живот на терен, спиење на депонии во приспособено комбе, денови и ноќи поминати со протагонистите и локалните заедници, долги периоди на чекање на штрковите и нивните миграции и работа без формален буџет или традиционална продукциска инфраструктура.

 

Филмот веќе се вброи меѓу најрелевантните документарни остварувања на годината по освоените две награди на IDA Documentary Awards за најдобар документарен филм и најдобра камера, како и по премиерите на најголемите светски фестивали, меѓу кои Венеција и Торонто, и бројните проекции низ САД, Канада и наскоро во Британија.

Откупот од „Нешнл џиографик документари филмс“ (National Geographic Documentary Films) дополнително го засилува неговото глобално присуство и поддршка во тековната оскаровска кампања.

Здружението на продуценти на Америка (Producers Guild of America) се исто така еден од најсилните индикатори во трката за „Оскар“, а нивните номинирани и добитници редовно се појавуваат и во финалниот избор за највисоката филмска награда.

Дали филмот ќе влезе во потесната листа за „Оскари“ ќе биде објавено на 16 декември, во 22 часот од Американската академија за подвижни слики, уметност и наука.

Гласањето може да се изврши на следниот линк https://cinemaeyehonors.com/audience-choice-voting/

Back to top button
Close