Припадници на Националната гарда распоредени долж Националната алеја во Вашингтон

Припадници на Националната гарда, чие распоредување беше активирано по наредба на американскиот претседател Доналд Трамп, пристигнаа пред споменикот на Вашингтон како дел од неговиот план за решавање, како што изјави, на проблемот со криминалот кој е „целосно надвор од контрола“ во главниот град на САД.

Портпаролот на американската армија, полковник Дејв Батлер, потврди дека војниците биле распоредени за да обезбедат логистичка, транспортна и административна поддршка на локалната полиција, како и да бидат видливи во областа на Националниот мол, пренесува Еј-Би-Си Њуз.

Распоредувањето на трупи на американска територија е правно можно во вонредни околности, но нивната улога е ограничена на заштита на федералниот персонал и имотот, освен ако претседателот формално не прогласи бунт, што досега не е направено.

Причините за присуството на трупи на Националниот мол не беа прецизирани, освен дека тоа претставува симболично спроведување на одлуката на Трамп, според Еј-Би-Си Њуз.

Војниците ќе имаат пристап до оружје, но нема да го носат, изјави портпаролот на американската армија, полковник Дејв Батлер. Претходно во понеделникот, Трамп одржа прес-конференција на која објави дека ја презема контролата врз полицијата во Вашингтон и дека ќе ја активира Националната гарда, оценувајќи дека „нешто излегло од контрола“.

-Наскоро ќе го ставиме под контрола, како што направивме на јужната граница. Ова е Ден на ослободувањето за Вашингтон и ќе го вратиме нашиот главен град, рече Трамп.

Според официјалните лица, околу 100 членови на Гардата ја презедоа должноста, а се очекува дополнителни сили да пристигнат во текот на неделата.

Контролата на Трамп врз полицијата во главниот град ќе трае 30 дена, по што Конгресот ќе мора да одлучи за понатамошните чекори.

Портпаролот на армијата претходно изјави дека Националната гарда сè уште не добила специфична оперативна задача освен поддршка на полицијата, и дека мобилизацијата и распоредувањето на преостанатите 800 членови се очекува во текот на следната недела.

Порано оваа година, Трамп ја активираше Гардата во Лос Анџелес за да им обезбеди на агентите рации и апсења за имиграција, додека во другите делови од земјата им помагаа на локалните власти со административни задачи.

Националната гарда на САД е воена формација која работи под двојна контрола – федерална, претставена од претседателот на САД, и државна, или гувернерска контрола.

Гардата може да биде распоредена во различни ситуации, како што се природни катастрофи, контрола на немири или заштита на националната безбедност.

Федералното распоредување на Националната гарда му дава контрола на претседателот, додека државното распоредување ја остава контролата на гувернерот.

Во случај на федерализација, кога претседателот распоредува трупи, гувернерот е ефикасно исклучен од контролата врз трупите и само претседателот има овластување да ги повлече или пренасочи.

Back to top button
Close