Прирачник за справување со родови дезинформации и родово базирано насилство во дигиталниот простор CTRL+ALT+Defend – Скини ги синџирите на онлајн насилството

Утре од 14 часот во просториите на Нетавил, Здружението за еднакви можности „Мрежа Стела“ ќе го промовира Прирачникот за справување со родови дезинформации и родово-базирано насилство во дигиталниот простор. Прирачникот е изработен од проф. д-р Ангелина Станојоска (Правен факултет, Универзитет „Св. Климент Охридски“ – Битола), во рамки на регионалниот проект „Defend the right to be yourself“, со поддршка од Министерството за надворешни работи на Франција.

Родово-базираното насилство (РБН) е резултат на длабоко вкоренетите родови нееднаквости, дискриминацијата и стереотипите кои постојат во општеството. На глобално ниво, овој тип на насилство е признато како сериозно прекршување на човековите права и основен проблем што го попречува постигнувањето на родова еднаквост и социјална правда.

Во дигиталниот простор, пак, РБН добива нови димензии. Сајбер сексуалното вознемирување, сајбер демнење, неовластеното споделување на интимни фотографии и видеа (порнографија без согласност – одмазничка порнографија), клевета во онлајн просторот, тролање, кротење во онлајн просторот, доксинг/злокументирање, злоупотребата на лични податоци и говорот на омраза насочен кон одреден род и/или родов идентитет, се само некои од начините на кои насилството може да се манифестира онлајн.

Жените и девојчињата често се изложени на лажни информации кои се обидуваат да ги омаловажат нивните ставови, да ги дискредитираат нивните активности и да ги ограничат нивните права. Воедно сведоци сме на сè повеќе случаи на дигитално родово-базирано насилство кога во нашето секојдневие, децата и младите се веќе изложени на една култура на нормализација на насилството и надмоќ на една личност врз друга каде не се почитува согласноста и телесната автономија. Последните случаи на малолетничко сексуално насилство, но и не само тие, го отвараат прашањето како онлајн опасностите, мажосферата и инцел културата влијаат врз младите момчиња и носат до катастрофални последици.

Прирачникот нуди теоретски рамки, практични примери, механизми за заштита и јасни процедури за пријавување, со цел да им помогне на младите, родителите и институциите да се справат со овие предизвици.

Back to top button
Close