Прислушување или јавна тајна

Одбивањето на властите да приложат повеќе докази, прават од аферата „прислушување“ предизборен арсенал и обид за грубо партиско мешетарење. Пишува Соња Крамарска

Начинот на кој власта ја пласира во јавноста информацијата за, како што тврди, физичко следење и прислушување на истакнати партиски членови на чело со лидерот Христијан Мицкоски, како и други јавни личности, не може да не се поврзе со изборите. Тоа може да се види од држењето на брифинзи за медиуми со цел високо сензибилизирање на јавноста во пресрет на гласањето во октомври. Но не е јасно зошто Владата презеде толку опсежна операција за девалвирање на опозициската СДСМ, кога и самите во јавните настапи оценуваат дека социјалдемократите се нокаутирани на подолго време.

Обвинувањата се премногу сериозни за да завршат како предизборен балон. Еден од поранешните функционери на ВМРО-ДПМНЕ, Наќе Чулев, тврди дека може да се изврши внатрешна форензичка експертиза за да се докажат наводите за следење и прислушување. Тоа е конструктивен предлог кој може да ја стави на тест власта колку е подготвена од партиско мешетарење да премине во професионална намера да го заврши случајот со јасни и прецизни аргументи. Па кој треба да гори, нека гори. Вака, како што е сега, изгледа како намерно подметнат шумски пожар.

Но, во оваа најнова афера јавноста не доби на увид ниту еден документ од кој ќе се види дека биле издадени незаконски наредби за физичко следење и за прислушување на телефонските комуникации. Како споредба, во прислушувањето кое беше обелоденето за време на претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ имаше неколкумина сведоци кои тврдеа дека ним им биле дадени наредби, а некои од нив пред судските органи прецизно ги раскажаа деталите за прислушувањето, па дури ги направија достапни за јавност и содржините на прислушуваните разговори. Вториот момент кој засега е нејасен е зошто АНБ за своите наоди не поднесе кривична пријава со имиња и презимиња, туку како што им кажа на медиумите „три пати го известила“ Обвинителството за таквите сознанија.

Класифицирани докази

Третиот, најважен момент е што АНБ се брани дека документите, практично, доказите за прислушувањето и следењето се класифицирани (читај: тајна), и оттука тие не можат да понудат веродостојност на нивните тврдења. Меѓутоа, во тој случај, како може да се води кривична и судска постапка ако не може да се употребат физичките докази кои АНБ ги има на располагање и од кои извлекла заклучоци за тајните и недозволени операции на безбедњаците од АНБ? Или ќе имаме уште едно прислушување како јавна тајна.

Треба ли јавноста да им верува на збор на премиерот Христијан Мицкоски и на директорот на АНБ, Бојан Христовски, а бездруго ако се покренат судски процеси треба и судот да им верува на збор, а судењето да биде затворено за јавност бидејќи ќе се презентираат класифицирани документи?

Сѐ додека не се расчистат овие дилеми, аферата со следење и прислушување која избувна деновиве, ќе биде наменска предизборна играчка во рацете на власта, која може да ја обликува по своја желба. Одбивањето на властите да приложат повеќе докази, прават од аферата „прислушување“ предизборен арсенал и обид за грубо партиско мешетарење.

Темата е најсериозна што може да биде, но нејзината експлоатација на месец и половина пред гласањето за локалните избори е несериозна бидејќи остана на две изјави, една од Мицкоски, друга од директорот на АНБ, Христовски, и дозирани брифинзи за медиумите затоа што се знае дека судот на медиумите некогаш е поважен и поостар од судот на обвинителството и судството. Особено во предизборен период каков што е сега.

Гола фразеологија

Во меѓувреме повеќе функционери од ВМРО-ДПМНЕ се произнесоа за случајот. Во изјавите кои владеачката партија континуирано од час во час ги проследува до медиумите, освен гола фразеологија и хушкање на јавноста нема ниту еден посериозен политички осврт на темата. Паралелно со претходната гарнитура во АНБ, партиските соопштенија го ставаат на тапет и обвинителот Љупчо Коцевски како наводен учесник во заговорот за следење и прислушување на бившата опозиција. Тоа укажува на обид со еден удар да се убијат две муви: И противничката СДСМ и Коцевски, против кого власта води отворена кампања и му врши притисок да се повлече од обвинителската функција.

Изјавите на премиерот дека очекува „овие глодари да завршат зад решетки“, служат за правење на атмосфера во јавноста против опозицијата. Одговорот пак на директорот на АНБ, Христовски, дека не може да сподели детали бидејќи се работи за состојба со висока класификација и дека ако проговори може да го загрози „законскиот процес“ исто така имаат манипулативна моќ да ја наведат јавноста на заклучок дека се случувало нешто страшно зад сцената со цел подривање на Мицкоски и другите личности опфатени во случајот.

Меѓутоа, ако сака Владата да биде доживеана како бедем на човековите права и слободи, ќе треба во овој најнов случај на прислушување да ги отвори сите карти и да ја потврди веродостојноста на своите тврдења. Доколку постојат такви карти. Јавноста е веќе изморена од хиперпродукцијата на афери во режија на власта. Добро е да се потсетиме дека продуцирање на афери од страна на власта кон опозицијата е прв знак на авторитарен и недемократски режим.

Back to top button
Close