Притвор за кавадарчанец што спречувал полицајци да фатат избеган затвореник

Осумдневен притвор му е одреден на 18-годишник од Кавадарци затоа што попречувал полициски службеник во фаќање на затвореник избеган од КПУ „Гевгелија“.

Како што информираат од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Кавадарци, настанот се случил на 2 мај годинава, на улицата „Димката А. Габерот“ во Кавадарци, додека двајца полициски инспектори преземале мерки за фаќање побегнат затвореник од КПУ „Гевгелија“.

„Затвореникот давал отпор при обидот да биде лишен од слобода за доизвршување на затворската казна, во што сега осомничениот, со кого биле во роднинска врска, го поддржал, се нафрлил врз еден од полициските службеници, го влечел и го гребел, нанесувајќи му телесни повреди“,се вели во соопштението од ОЈО Кавадарци.

Затвореникот успеал да се ослободи и да побегне, но подоцна, велат од ОЈО, бил фатен и вратен во затворот. Осомничениот, исто така, избегал во прв момент, но бил лишен од слобода, а по предлог на јавниот обвинител, Основниот суд во Кавадарци му определи притвор во траење од осум дена.

За 18-годишниот кавадарчанец постои основано сомнение дека сторил кривично дело – Спречување службено лице во вршење службено дејствие од член 382 став 3 во врска со став 2 и став 1 од Кривичниот законик.

Back to top button
Close