Притворениот директор на „Комунална хигиена“ поднесе оставка за време на распитот во Кривичниот суд
За време на распитот во Кривичниот суд, директорот на ЈП „Комунална хигиена“ Сабахудин Рустеми поднел оставка од челната позиција, пренесе Скопје1.

Ова го потврди неговиот адвокат Асмир Алиспахиќ.
– Она што сакам да го изнесам јавно на барање на директорот е дека тој на записник пред судијата на претходна постапка ја депонира својата оставка. Станува збор за неотповиклива оставка од в.д. директор на јавното претпријатие Комунална хигиена. Тоа е еден морален чин од страна на сега веќе осомничениот, веќе поранешен директор Рустеми кој што не сака јавноста да мисли дека ќе ја попречува истрагата на кој било начин. Тоа е чин кој што ќе овозможи непречено водење на истрагата со цел да докажеме дека директорот нема никаква поврзаност со делото, а во насока дека ниту може да влијае, ниту влијаел, ниту ќе попречи какво било водење на истрагата, вели адвокатот.
Тој е длабоко убеден дека ќе докажат дека тоа што им се става на товар на двајцата обвинети нема никаква поврзаност.
– Станува збор за едно ретко кривично дело, кое не толку често се појавува во нашиот кривично-правен систем. Станува збор за членот 230 од Кривичниот законик кој со измените од 2023 година добива еден поголем опсег – додава Алиспахиќ.






