Приватна клиника во соседството давала хемотерапија без дозвола – лекови добивале и пациенти без малигно заболување


Сериозен случај во приватна клиника во Солун ја потресе грчката јавност, откако контролата на Националната управа за транспарентност открила дека во установата функционирало целосно опремено онколошко одделение без потребната законска дозвола.

Според информациите објавени од грчките медиуми, во клиниката се спроведувале и хемотерапии, иако онколошкото одделение воопшто не било предвидено во важечката дозвола за работа на здравствената установа.

Според контролорите, овие наоди претставуваат индиции дека можеби биле доставувани неточни податоци до грчкиот Национален здравствен осигурителен фонд (ЕОПИ), со цел клиниката да добие надомест за хоспитализацијата на одредени пациенти.

Онколошкото одделение функционирало со еден лекар – пулмолог специјализиран за онкологија на белите дробови. Тој од 2022 година препишувал хемотерапевтски лекови за свои пациенти, кои потоа биле администрирани во спорното одделение. Лекарот, според надлежните, немал ниту писмен договор со клиниката.

При контролата биле утврдени и други сериозни недостатоци. Клиниката немала доволен број медицински сестри, немала персонал од одредени задолжителни специјалности, а немала ниту функционална единица за интензивна нега, иако според нејзината дозвола била должна да располага со таков оддел.

Националната управа за транспарентност предложила трајно затворање на клиниката и одземање на дозволата за работа.

Одлуката за запечатување на клиниката била потпишана во неделата, 28 септември, од заменик-регионалниот гувернер на Солун, Костас Јутикас, а постапката за нејзино затворање треба да продолжи во вторник.

Целиот извештај од контролата е испратен и до обвинителството за да се испита евентуална кривична одговорност, како и до ЕОПИ за проверка на податоците врз основа на кои клиниката добивала надомест за лекување на пациенти.

Случајот бил откриен по поднесена пријава, а надлежните сега испитуваат и евентуална одговорност на службите кои претходно ја контролирале клиниката.

Back to top button
Close