Приведен жител на Поградец, нелегално влегол и престојувал во државата

Дваесет и девет годишен жител на Поградец, Република Албанија ноќеска бил приведен по илегално преминување на границата и нелегален претстој во земјава, соопшти денеска СВР Охрид.
Според информацијата, во 1 часот и 45 минути по полноќ, во шумскиот појас кај месноста „Добра вода“, во близина на регионалниот пат Струга-Ќафасан, полициски службеници од полициската станица за граничен надзор „Франгово“, го привеле К.А.(29) од Поградец, Република Албанија.
– Тој, е затекнат откако илегално ја преминал македонско-албанската државна граница и остварил нелегален престој во земјава со што сторил прекршок по член 147 од Законот за странци, стои во соопштението.
По целосно документирање на настанот, против него, ќе биде поднесена соодветна пријава.






