Приведени Ратко Капушевски газдата на РКМ и Асмир Јахоски сопственикот на Пуцко Петрол
Приведени Ратко Капушевски газдата на РКМ и Асмир Јахоски сопственикот на Пуцко Петрол во истрага за набавка на мазутот за ТЕЦ НЕГОТИНО и електрани, дознава Телма.
Повеќе извори на Телма потврдија дека попладнево се приведени и се вршат претреси во домовите на сопствениците на РКМ и Пуцко Петрол, Ратко Капушевски и Асмир Јахоски. Надлежните само потврдија дека се вршат претреси во рамки на истрага на обвинителството за гонење на организиран криминал за злоупотреби при набавка на деривати.
„Доцна попладнево под раководство на јавен обвинител од ОЈО ГОКК, БЈБ и МВР извршуваат претреси на повеќе локации низ државава.. Претресите се со Наредба на судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје, а во врска со сторени кривични дела поврзани со набавка на деривати. Подетални информации ќе бидат споделени во текот на утрешниот ден“ пишува во соопштение на ОЈОГОКК.
Ратко Капушевски, според информациите на Телма, повеќе од еден месец не бил во државата и акцијата почнала кога надлежните добиле сознанија дека е вратен во Македонија. Неговата компанија беше главен избор на државните eлектрани за набавка на мазут и добиваше набавки во висина од повеќе десетици милиони евра.
КОД на Телма неколкупати правеше истражувања на темата по што и Aнтикорупциска отвори постапка и покрена иницијатива за кривично гонење. Во истрагата се опфатени и повеќе возачи, а извори на Телма потврдија дека е приведен и се вршат претреси и кај Асмир Јахоски, сопственикот на Пуцко Петрол.
Според првичните информации, се работи за огромна сума од околу 10 милијарди денари (околу 160 милиони евра) испумпани преку фиктивни договори за позајмици и посреднички услуги за испорака на сомнителни горива.
Ратко Капушевски во 2014 година ја напушти државната служба и започна работа како проект-менаџер во канцеларијата на рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко. Потоа, се посвети на енергетскиот сектор и неговата компанија, РКМ, која во последните години добиваше јавни набавки во вредност од стотици милиони евра. Неговото име беше поврзувано со контроверзни тендери за набавка на нафта и нафтени деривати за државни институции.