„Призма“: Адвокат од Лихтенштајн ќе гради во Мал ринг

Регистрант од Лихтенштајн, адвокат што главно формира и води туѓи фирми на сопственици што сакаат да бидат скриени, ќе ја гради петкатницата зацртана близу хотелот „Ибис“ во строгиот центар на Скопје, односно во градежно атрактивната зона позната како Мал ринг, објави „Призма“.

Веста дека на местото од уште едно паркче ќе се гради станбен објект ги вознемири граѓаните што живеат во соседната зграда и уживаат во она што преостанало од зеленилото пред своите домови.

Енгелберт Јозеф Шрајбер од главниот град на Лихтенштајн, Вадуз, е официјалниот сопственик на скопската фирма „Сколимекс,“ која, како што објави Општина Центар, лани во ноември, непосредно пред заминувањето на Саша Богдановиќ од градоначалничкото место, добила дозвола за градење.

Шрајбер се спомнува во дата-базата на Пандора пејперс, која ги раскринка офшор-тајните на повеќе политичари и бизнисмени од целиот свет. Тој во Пандора пејперс е означен како офицер, лице што ја врши административната работа околу формирањето и водењето на офшор-компанија во име на друг човек.

Егзотичната професија на Шрајбер била причина тој да се вмеша во многу контроверзии и скандали низ целата планета, па дури и тука на Балканот.

Имено, неверојатно звучи податокот дека човекот што тргнал да гради во нашето Скопје и неговиот татко во 2003 година биле дел од обвинетите во приватна тужба поврзана со терористичките напади во Њујорк, на 11 септември 2001 година.

Во тужбата се наведува дека, според официјалните документи од Лихтенштајн, една од фирмите на двајцата Шрајбери била вклучена во активности за перење пари во име на Ал каеда. Тужбата подоцна била отфрлена.

Интересните наоди за семејството Шрајбер не завршуваат тука.

Скандал со јавни набавки во Обединетите нации (ОН), пак, посочи врски меѓу семејната фирма на Шрајбер со човек што САД и ОН го вбројуваат како финансиер на терористичка организација.

Човекот се појавувал и во скандали на Балканот.

Целата сторија на „Призма“ може да ја прочитате ТУКА.

Back to top button
Close