„Призма“: Јакимовски и ВМРО-ДПМНЕ кои ја одобрија висококатницата во Карпош сега се за парк, а СДСМ не гласа за суспензија

Историјата на градежната маркичка, веднаш зад бензинската „Макпетрол“, крај Партизанска, детално ги бележи бизнис-интересите што политичките елити, без разлика која од нив е на власт, ги тераа и ги тераат последнава деценија. „Призма“ во најновото истражување под наслов „Парцела на која принципите доаѓаат да умрат“, го објаснува историјатот на една градежна маркичка во Карпош.

Парцелата е во близина на бензинската „Макпетрол“ и клиниката „Жан Митрев“.

„И оваа сторија, како и сите такви политички игранки, изобилува со иронија“ се вели во текстот и се додава:

„…Политичарите што овозможиле во ДУП да се впише 28-катница (Стевчо Јакимовски и ВМРО-ДПМНЕ) денес се поборници или за ‘пониска зградичка’ или, пак, за зеленило, а нивните противници (СДСМ), кои како долгогодишна опозиција градеа имиџ на борци против бетонирањето на Скопје, сега не гласаа за суспензија на висококатницата“.

Од познатите ликови, покрај ВМРО-ДПМНЕ и Јакимовски, тука се и Сашо Мијалков и Орце Камчев, СДСМ, пријател на семејството Заеви, а одредена улога има и Специјалното јавно обвинителство (СЈО).

ФОТО: БИРН

Приказната, според БИРН почнува во политички бурната 2013 година, откако на локалните избори, градоначалникот Јакимовски ја изневери матичната СДСМ, која планираше бојкот, за повторно да се кандидира, победи и премина на спротивната страна, односно влезе во неформална, а подоцна и во формална коалиција со ВМРО-ДПМНЕ.

Од „бомбите“ на Зоран Заев се дозна дека Јакимовски уште пред изборите барал услуги од поранешниот шеф на тајната полиција, Мијалков. Во ноември 2013 година, Општина Карпош, под раководство на Јакимовски, зад бензинската „Макпетрол“, на 3 500 квадрати впишала маркичка за зграда висока 28 ката или вкупно 88 метри.

Година и нешто подоцна, календарски во 2015, локацијата ја купиле тогашните пријатели и бизнис-партнери на Мијалков. Камчев зел две третини од тоа земјиште, а Дејан Панделески (синот на Цветан Панделески, кој им „правеше друштво“ на Камчев и на Мијалков во обвинението за случајот „Империја“) остатокот.

Следната 2016 година, според БИРН семејната фирма на Сашо Мијалков го откупила земјиштето, и таква е состојбата на терен сѐ до промената на власта.

По локалните избори во 2017 година, кога СДСМ убедливо победи, земјиштето од Мијалков повторно го презеле Камчев и Панделески, меѓутоа овој пат како директор на фирмата зад парцелата се јавил тогаш релативно анонимниот бизнисмен од Битола, Стојан Чифлигароски.

„Чифлигароски е човек што не го крие пријaтелството со Вице Заев, братот на поранешниот премиер Зоран Заев. БИРН, пред три години истражуваше како по доаѓањето на СДСМ на власт, Чифлигароски се етаблираше во клубот бизнисмени што профитираат од РЕК Битола. Кога се актуализираше аферата ‘Рекет’, на Јутјуб се појави и снимка на која се слуша како Камчев преку Чифлигароски бара средба со Вице Заев – пишува БИРН и потсетува на бурната политичка есен во 2018 година кога се подготвуваа уставни промени околу кои асистирал и Мијалков, убедувајќи ги пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да гласаат.

Но, Специјалното јавно обвинителство (СЈО), за потребите на истрагата Империја „замрзна“ голем дел од имотот на тројката Камчев, Мијалков и Панделески, а во таа акција, „под мраз“ отиде и парцелата во Карпош, а Камчев и Мијалков заминаа во притвор, потсетува БИРН.

Следните четири години нема поголеми промени околу ова земјиште, освен што во 2020 година, Камчев вратил „свој“ човек да го управува, а ваквата статус кво ситуацијата, според истражувањето на БИРН трае до пролетва – Камчев, во април се спогоди со обвинителството околу „Империја“, плати пет милиони евра казна и судот следниот месец го одмрзна неговиот имот заедно со градежната парцела во Карпош.

Во тој момент почна нова епизода околу оваа фамозна маркичка.

Прво, порталот на „Фокус“ објави дека Камчев договорил продажба на земјиштето на бизнисменот Кочо Стојчески и на „Гранит“ за сума од 13 милиони евра, пет во кеш и осум милиони во станови. Сепак, Стојчевски, во разговорот со БИРН, летово открива дека со партнерот „дигнале раце“ од инвестицијата зашто се вмешал градоначалникот Јакимовски.

„Иако под негова палка е донесен ДУП-от во 2013 година, Јакимовски сега е против да се гради објект висок 88 метри. Промената на ставот тој ја образложува како своја корекција откако ‘го чул ставот на граѓаните’. Сега Јакимовски е да се гради помал објект, меѓутоа несудениот инвеститор Кочо Стојчески низ медиумите изјавуваше дека насетува игра во корист на друг инвеститор. А, другиот инвеститор е познатиот градежник Фатмир Етеми – пишува БИРН и додава дека Етеми им потврдил дека е заинтересиран за тоа земјиште, меѓутоа сѐ уште го нема купено.

Но, БИРН посочува дека идниот инвеститор, кој и да е тој, не може да добие градежна дозвола, бидејќи откако Јакимовски ја растури дружбата со ВМРО-ДПМНЕ, мнозинството во Општина Карпош, предводено од партијата на Христијан Мицкоски, го суспендираше урбанистичкиот план и парцелата.

Во текстот се посочува изјавата на советникот на ВМРО-ДПМНЕ, Роберт Велјановски кој ја најави оваа одлука, образложувајќи дека таа е согласно заложбите на партијата за хумано урбано живеење во Општина Карпош и борбата против урбаната мафија, додека пак, советничката група на СДСМ, пак, реши да не присуствува на оваа седница.

„Амплитудите во ставовите на сите актери од приказната се пример што покажува дека политичките елити немаат апсолутно никаков проблем да ги сменат ставот и заложбите за 180 степени само за да им се поклопат со нивниот моментален интерес. Затоа еднаш се залагаат за зеленило, а другпат за зграда. Впрочем, оваа парцела, денес обрасната со високи треви, е само уште една точка на која принципите доаѓаат да умрат – завршува текстот на БИРН.

Back to top button
Close