Призма: Државата не се откажува од градење на плацовите на Груевски и на Мијалков

 


Агенцијата за управување со одземен имот бара да останат маркичките за изградба на хациенди на плацовите на Водно, кои беа одземени во судските постапки од поранешниот премиер Никола Груевски и неговиот братучед и поранешен шеф на тајната полиција, Сашо Мијалков.

Станува збор за четири огромни куќи, вцртани на два рида на Водно и вгнездени во самата шума. Три се ставени на плацот во боровата шума од десната страна на патот што води кон средно Водно, а уште една на околу километар од нив, на ридот што се издига над улицата Питу Гули. Заедничко за сите е што се наоѓаат во недопрена природа со поглед на Скопје и, ако се изградат, ќе бидат најголемите градби во околината што ќе се граничат со шумата на Водно.

Можност за нивно бришење се отвори со укинувањето на ДУП-от Ј07 за овој реон пред две години, откако Уставниот суд утврди дека тој бил незаконски изгласан. Меѓу причините, пак, за во 2014 година да се истурка спорното гласање, беа маркичките за градба на плацовите на Водно, купени на незаконски начин од двајцата братучеди, кои сега се конфискувани од државата.

Агенцијата бара да останат маркичките за градба на Водно

Укинувањето на ДУП-от од страна на Уставен, кој инаку опфаќа третина од општината, ги запре сите нови градби во овој дел на Центар и наметна потреба од носење нов план за реонот каде што беа предвидени и хациендите на двајцата братучеди. Откако судот им ги одзеде овие плацови, тие ѝ беа предадени на Агенцијата за одземен имот, која треба да ги продаде и парите да ги врати во државната каса.

Затоа од Општина Центар, која заедно со надворешна планерска фирма во моментов работи на носење на новиот урбанистички план, се обратиле до Агенцијата и побарале овие парцели да се отстапат за зеленило. Тоа, на последната седница на Советот и јавно го кажа претседателката на комисијата за урбанизам, Билјана Насковиќ.

„Закажавме состанок, бевме во Агенцијата и прашавме што да правиме со нив (со конфискуваните парцели н.з.). Ние сметаме дека треба да има зеленило на тие парцели, затоа што тоа е идејата, да се зголеми зеленилото во план, кој навистина кубури со зелени површини“, нагласи Насковиќ пред советниците.

Уште на состанокот им било јасно ставено на знаење дека Агенцијата и во новиот план ќе бара да останат старите маркички за градба, што подоцна им било потврдено и писмено. Тоа го покажува собраната документација од комуникацијата со Агенцијата, во која БИРН имаше увид.

Преписката траела неколку месеци, а во последниот допис, Агенцијата инсистира на тоа и во новиот ДУП да останат „истите урбанистички параметри што се затекнати при одземање на недвижниот имот на катастарските парцели во ДУП-от, кој веќе не е на важност“. Дописот од 12 септември е потпишан од новата директорка Ирена Илиевска, два дена откако таа ја презела оваа функција како кадар на ЗНАМ, партијата што е дел од владејачката коалиција на ВМРО-ДПМНЕ.

Од Општина Центар, пак, без нивна дозвола, стравуваат да ги тргнат хациендите нацртани на државниот имот, затоа што на тој начин може да бидат прозвани за оштетување на државниот буџет. Без маркичките, овие плацови практично стануваат безвредни и Агенцијата не може да ги продава.

Од друга страна, пак, законот дава можност општината да брише еднаш впишани маркички кога за тоа има јавен интерес или се крши соседско право, но, сепак, тоа се избегнува бидејќи законот, исто така, го штити и т.н. стекнато право. Тоа значи дека ако еднаш во ДУП-от бил вцртан објект, тој се брише само во согласност со сопственикот. Во спротивно, сопственикот може да тужи. Договарањето обично оди полесно кога имотот е на државата, па затоа при планирањето најчесто се посегнуваат по тргање маркички од државните парцели.

Но, како што брифираат урбанистите за БИРН, „тие не може да се стават над државата и без нејзина согласност да менуваат маркички“, како во случајот со парцелите на Водно.

По шумските патчиња до парцелите на Водно

БИРН ги посети двете локации на кои се наоѓаат сега веќе државните плацови. Едната е во месноста Курило и му припаѓаше на Мијалков, а во укинатиот ДУП, на неа има маркичка за неколкукатна куќа со површина од над 5.000 квадрати.

Имотот што се поврзува со Мијалков беше конфискуван од офшор-фирмата „Ексико“. Тој призна вина во случајот „Империја“, во кој беше обвинет за злосторничко здружување и незаконско стекнување и прикривање имот во време кога извршувал јавна функција.

Плацот е на ридот над улицата Питу Гули и се состои од две споени парцели, со вкупна површина од 4.500 квадратни метри. Пристап до плацот нема од постоечката улица, а стариот ДУП предвидуваше изградба на нов пат, кој минува низ дворовите на соседите. Ваквата изведба веќе беше стопирана од Општина Центар, откако инспекторите утврдиле дека нагибот на просторот каде што треба да биде направен е поголем од законски пропишаниот.

Затоа сега нема пат до овие државни парцели. Пристапот до нив е дополнително спречен и од огромните тараби на градба што сега никнува на приватен имот сместен пред државниот, па попречен е дури и видикот кон ридот на кој е распослан поранешниот имот на Мијалков. Тој веќе беше понуден на продажба од страна на Агенцијата за одземен имот, со почетната цена од нешто над 2 милиони евра. На огласот немаше заинтересирани купувачи.

Имотот на Груевски беше одземен во случајот „Плацови за Водно“. Тој беше осуден за перење пари, противправно стекнување и прикривање имот, во што му помагал кумот Ристо Новачевски преку фирмата „Сирах“.

На другиот рид на километар оттаму е втората локација на државниот имот, кој сега ѝ припаѓа на Агенцијата за одземен имот.

Тој беше одземен од Груевски, во случајот „Плацови на Водно“ и се состои од три парцели. Едната има 750 квадрати и е сместена во средината на ридот од кој се отвора поглед кон Скопје.

Другите две се на врв на рид, распослани во борова шума, на површина од 10.000 квадратни метри. На нив се предвидува изградба на уште три огромни куќи. Пристапот до плацовите сега е можен само по шумските патчиња на Водно.

Back to top button
Close