Призма“: Хидроцентрали на Шара – Милион евра низ вода

Над милион евра отштета за инвеститорите на 4 мали хидроцентрали
Државата ќе им плати отштета од еден милион и 51 илјада евра на четири фирми-инвеститори во мали хидроцентрали на Шар Планина, кои не може да продолжат да се градат откако подрачјето стана национален парк, пишува „Призма“ во најновото истражување.

Фирмите ги склучиле договорите за концесија меѓу 2011 и 2018 година. Собранието го изгласа Законот за прогласување на Шар Планина за национален парк на 30 јуни 2021 година, но иницијативата за заштита на ова подрачје почна 27 години претходно.

„Во тој долг период, со повеќе истражувања биле потврдени природните вредности со кои Шар Планина ги исполнува условите да добие институционална заштита, но државата, иако ги имаше тие податоци и беше вклучена во иницијативата, продолжуваше да охрабрува економски активности на планината што се штетни за природата, како што е изградбата на мали хидроцентрали. Откако стана јасно дека тоа не може да продолжи, владата на седница одржана на 4 октомври годинава одлучи да ги раскине договорите и на концесионерите да им ги надомести трошоците што досега ги направиле во развојот на овие енергетски проекти што сега ќе мора да ги прекинат и напуштат“,

пишува „Призма“.
„Призма ги објавува и пресметките, според кои произлегува дека за да се зачуваат планинските реки во природна форма, односно да не се изменуваат и експлоатираат за производство на електрична енергија, од буџетот ќе треба да се плати нешто над милион евра.

Најголем надомест од 600 илјади евра ќе ѝ се исплатат на фирмата „Гравис Хидро“ од Гостивар, која требаше да направи хидроцентрала на реката Пена, со договор од 2018 година.

Околу 270 илјади евра, пак, ќе добие Трибека Хидро од Тетово за раскинатата концесија што ја добила во 2011 година за Љуботенска Река. На истата река е откажан и проектот на ЕМК Мали хидроелектрани од Скопје, за што фирмата ќе добие нешто над 117 илјади евра. Супер Ноува Енерги од Тетово, пак, за раскинувањето на договорот за концесија на Беловишка Река склучен во 2012 година ќе добие околу 65 илјади евра.

Целото истражување на „Призма“ прочитајте го ТУКА.

Back to top button
Close