Призма- Матни партнери, судења и украден канабис
Приказната на човекот од фирмите на осомничените за шверцoт на 5 тони марихуана
Автор: Владо Апостолов, Фросина Димеска и Јелена Вељковиќ
Еден македонски државјанин, во две фирми за канабис во Македонија ги поврзува Србите осомничени за шверцот на петте тони марихуана, кој беше откриен во јануари годинава, во близина на српскиот град Крушевац. Триесетгодишниот Драган Крстев, во различни периоди бил прво управител, а потоа и косопственик во фирми на сега веќе осомничените Александар Мијајловиќ и неговиот помошник Иван Драгниќ.
Деловните врски на овој скопјанец водат директно до групата осомничена за криумчарење марихуана предводена од Мијајловиќ, мрежа, која според обвинителството во Србија, легално произведениот канабис во Македонија го шверцувала како дрога за црниот пазар кај северниот сосед.
Крстев, како што пишуваше БИРН, бил директор на гевгелиската „Гринлајф“, каде што сосопственик е Мијајловиќ, а подоцна станал и бизнис-партнер со Драгниќ во „Алфафарм.“ Двајцата осомничени Срби директно не се поврзуваат во ниедна фирма, а формалната врска е посредна, само преку Крстев.
БИРН, во последниве два месеца, истражуваше документи и одеше на терен, интервјуираше повеќе луѓе од бизнисот со канабис, во обид да ги расветли конекциите и случувањата и конечно успеа да разговара со Крстев. Тој, во моментов, е во Скопје, иако има и српско државјанство и одреден период живеел во Белград.
„Немаше знаци дека се криминалци“
Сцени од разотркивањето на криумчарите во Србија | Фото: МВР на Србија
Со него се сретнавме минатиот месец, во едно од кафулињата во Дебар Маало. Обвинителството, вели Крстев, го контактирало за случајот со „Алфафарм“, фирмата што е под истрага за шверцот, меѓутоа тој вели дека немал многу што да каже оти соработката ја прекинал одамна пред криумчарењето.
„Со Мијајловиќ соработував точно една година, до јануари 2024 година. Ниту кај него, ниту кај неговите луѓе, партнери, немаше знаци дека се занимаваат со криминал“, вели Крстев за БИРН.
Досегашните истражувања открија детали за клучните луѓе во оваа група, кои ги споредивме со искуствата што ги имал Крстев додека професионално соработувал со нив.
Првоосомничениот Мијајловиќ влегол во македонскиот бизнис со канабис, во 2023 година преку свој пријател од Крушевац, веќе вклучен во фирмата „Грин лајф“, со плантажа во валандовско Јосифово.
ИСТРАЖУВАЊЕ
Во Македонија легален одгледувач, во Србија осомничен за шверц на марихуана
Во тој период, со компанијата раководел токму Крстев, кој, пак, влегол во бизнисов преку семеен пријател, кој, всушност, е еден од основачите на „Гринлајф“ пред таа да премине во српско сопствеништво.
Крстев го опишува Мијајловиќ како сериозен и стабилен бизнисмен, со живот и работа во Виена и градежни активности во Крушевац, човек што не оставал впечаток дека е поврзан со криминал.
„Ми се допаѓаше да работам со него“, вели Крстев, додавајќи дека Мијајловиќ му давал целосна поддршка и му порачувал да не се грижи за финансиите, туку да се фокусира на исполнување на административните обврски и строгите стандарди во производството.
Но, ваквата слика е дијаметрално спротивна од впечатокот што се добива за овој човек, читајќи ја наредбата за истрага на српското обвинителство. Таму Мијајловиќ е означен како главен организатор на шверцот, човек што го осмислил планот, ги договарал цената и количествата, и давал инструкции за транспорт и складирање на дрогата.
Целото истражување за дрогата за која и по 2 месеца Македонските истражни органи молчат кој ја пренел марихуаната од Македонија во Србија и како ја поминала границата прочитајте ТУКА






