Призма: Оспорен изборот на Анкица Трпковска во АЕК
Еден од членовите на комисијата на Агенцијата за електронски комуникации не ги исполнува условите за да биде избран, заклучи Државната комисија за спречување корупција на седницата минатата недела. Анализирајќи ги работните биографии на новите членови, БИРН откри дека станува збор за Анкица Трпковска, сопственичка на компанијата АНГО, која требаше да ја гради катната гаража до Собранието. Таа, заедно со петте нови члена, беа избрани во парламентот лани во ноември.
Високоплатената функција ја доби додека работно тело, составено од претставници од различни институции, разгледуваше опции како да ја обесштети за плацот до Собранието, кој го купи за време на владеењето на Никола Груевски, а во рамки на законскиот рок, десет години, на него не изгради објект.
Трпковска, порано беше член на Либералната партија, а во последниот период, на социјалните мрежи ги поддржува ЗНАМ. Токму таа владејачка партија реагираше на критиките по изборот, тврдејќи дека Трпковска ги исполнува сите услови и дека е професионалец.
За ДКСК, пак, е спорно дали се исполнети условите, односно високото образование и работното искуство на сопственичката на АНГО. Законот за Агенцијата за електронски комуникации предвидува дека член на комисијата може да биде лице што завршило високо образование во областите информатика, телекомуникации, право или економија.
„Од извршниот увид, во уредбата за научно-истражувачки полиња, наведената диплома од Факултетот за јавна администрација со стручен назив јавен администратор не влегува во областите на информатика, телекомуникации, право или економија“, рече на јавната седница, членката на ДКСК, Цвета Ристовска.
Покрај документот дека е дипломиран јавен администратор на приватен факултет, Трпковска до собранието доставила и диплома дека е магистер по правни науки, со насока јавна администрација.
Но, членовите на ДКСК, со мнозинство одлучија дека овие високообразовни квалификации не се во согласност со она што се предвидува во Законот за АЕК. Нивната одлука ќе ја достават до собраниската комисија за избори и именувања.
Друг услов за да се стане член на комисијата, пак, е пет години соодветно работно искуство и посебни знаења од областа на електронските комуникации. Таа доставила потврди дека со договор за дело била ангажирана во две компании на проекти за реализација на комуникациски системи. Двете фирми каде што била ангажирана хонорарно имаат ист управител.
Антикорупционерката Ристовска забележа дека, според Законот за работни односи, договорите за дело и авторските договори не се дел од работното законодавство и како што рече „не претставуваат правни инструменти врз кој се заснова работен однос.“
Инаку, членовите на комисијата на АЕК не се вработени, туку учествуваат на седници на кои усвојуваат годишни извештаи и програми, ја следат реализацијата, разрешуваат и избираат директор. За ангажманот примаат месечен надоместок во висина од четири просечни плати, односно околу 2.700 евра.
Во меѓувреме, работна група составена од претставници од различни институции, со месеци, подготвува закон со кој би се обесштетила сопственичката, а земјиштето повторно би станало државно. Минатиот месец, претседателот на Собранието, Африм Гаши рече дека предлогот е 99 отсто готов и предвидено е до крајот на февруари да се најде пред пратениците. Тој нагласи дека со него ќе се реши проблемот со безбедноста пред законодавниот дом, а дека при подготовката на законот е ставен акцент врз обесштетувањето на сопственикот, зашто, како што потенцираше тој, се внимавало на уставната категорија што ја штити приватната сопственост.