Призма“: Поради измените во КЗ, застаре и случајот „Маѓар телеком“ кој се судеше 12 години

Случајот „Маѓар телеком“, по речиси 12 години судење во Македонија, доби судски епилог во прв степен. Но, додека да одлучат судиите во Апелацискиот суд дали пресудата е правилна, пратениците ги изгласаа измените на Кривичниот законик. Со нив, меѓу другото, се намалија казните за кривични дела, па така и за несовесно работење во службата, за кое се водеше предметот во скопскиот кривичен суд. Информацијата за БИРН ја потврдија од Апелациониот суд во Скопје, објави порталот „Призма“.

Фотоколаж: Призма

По повеќе од една декада правосудна „турнеја“, случајот нема да добие разрешница во Македонија. Разрешница нема да добие ниту отворената предистрага за македонските политичари во случајов.

Уште пред шест години, поранешните директори на „Маѓар телеком“ – Елег Штрауб, Андраш Балог и Тамаш Морваи се спогодија со Американската комисија за хартии од вредност.

Платија високи парични казни и добија забрана да вршат дејност поради тоа што подмитиле македонски владини функционери во периодот од 2004 до 2006 година, со 7,5 милиони евра, за да ја одложат либерализацијата на телекомуникацискиот пазар. Компанијата плати парична казна.

Ексразузнавачот Слободан Богоевски, пред судот во Њујорк, функционерите ги идентификува како Владо Бучковски, Али Ахмети и Муса Џафери.

Беше март 2023 година, кога судијката Ленка Давиткова објави дека тројцата некогашни високи функционери во „Македонски телеком“, Унгарците Атила Сендреј и Золтан Кишјухас и Германецот Ролф Плат несовесно работеле во службата, склучувале фиктивни договори за консултантски услуги со кипарска консултантска куќа.

Со тоа го оштетиле државниот буџет беа неправосилно осудени на по осум години затвор и солидарно да вратат милион евра.

Но, ниту ќе се преиспитаат затворските казни ниту ќе се вратат еден милион евра во буџетот.

Застарувањето на судскиот предмет ќе значи дека е речиси мртва и истрагата за инволвираните македонски политичари, за кои обвинителката Лиле Стефанова водеше посебен предмет. Причината е повторно истата – измените во Кривичниот законик.

Целата вест на порталот „Призма“ можете да ја прочитате ТУКА.

Back to top button
Close