„Призма“: Руина од институција што (не) ги менаџира спортските објекти

Профил на јавно претпријатие за стопанисување со државни објекти за спорт

Има едно јавно претпријатие чија историја ги обединува сите аномалии на македонското општество во последните неколку децении. Трагичната приказна за таа институција се протега низ дваесетина години исполнети со постојани сомнежи и обвинувања за корупција, приведувања и затворски пресуди, тужби за долгови и побарувања, недомаќинско работење, партизација, вечно блокирана сметка и со години неисплатени придонеси, пишува „Призма“.

Тоа е Јавното претпријатие за стопанисување со објекти за спорт во сопственост на Република Северна Македонија. Задача на оваа институција е да стопанисува со стотина државни спортски објекти – сали, стадиони и терени и да инвестира во нови спортски комплекси.

Меѓутоа, на институцијата одамна ѝ се врзани рацете и не може ефективно да ги менаџира објектите, пропаѓа во долгови и со текот на годините ги изгубила капацитетите и луѓето за воопшто што било да работи. Претпријатието добива минимални приходи од концесионерите на само дваесетина објекти и канцеларии, а евентуалните инвестиции сега и во блиска иднина се во доменот на научната фантастика.

Институцијата што броела околу 200 вработени, кога се основала пред две децении, денес има само пет, вклучувајќи ги „кафе-куварката“ и директорот, кој според „најдобрите“ пракси на нашево општество секогаш е делегиран од партијата што во моментот е на власт. Актуелниот директор е Зоран Исајловски, од партијата на Љубе Бошкоски.

За 22 години се смениле 12 директори од различни политички партии.

Постојани сомнежи за корупција

Дури тројца од поранешните директори биле судени за дела што ги сториле на функцијата, а уште неколку управители на ова ЈП биле јавно посочувани за корупција.

Еден од првите директори Алил Паљоши добил условна една година затвор зашто со приватни фирми склучил договори за закуп на пониски цени од реалните. Во 2008 година, полицијата го притворила неговиот наследник Сами Беслими, под сомнеж, како што тогаш јавија медиумите, дека незаконски давал под закуп сали и терени со што ја „олеснил“ државата за околу 16 милиони евра. По долг процес, обвинителството се откажало од прогонот на Беслими во 2017 година, а потоа државата му одредила и отштета за притворот.

Ефективна затворска казна од две и пол години добил директорот Михајло Бајо, меѓутоа нему му било судено во отсуство за дела направени од 2009 до 2010 година. Обвинителството го товарело дека на повеќе вработени им исплатил поголема сума од таа што претпријатието им го должело како заостанати плати.

По кратко директорување во 2009 година, разрешен бил и Аце Русевски, познатиот македонски боксер, поради новинарска сторија за спорен договор за издавање спортска сала во Струмица. Претпоследниот управител на ова претпријатие, Шпенди Хајредини, пак, во 2020 година доби отказ откако Антикорупциската отвори случај повторно поврзан со договор за закуп.

Суштината на речиси сите обвинувања се дека јавното претпријатие во многу случаи, во време на различни раководства делегирани од различни партии, за нереално низок надомест ги давало спортските објекти и придружните канцеларии на децениски закупи.

Целиот текст Руина од институција што (не) ги менаџира спортските објекти објавен од „Призма“ прочитајте го ТУКА.

Back to top button
Close