Пробиштип за една година ќе има Дом за стари лица
– Интензивно се работи на преадаптација на неискористениот простор на Здравствениот дом „Нада Михајлова“ во Дом за стари лица во Пробиштип. Градоначалникот на Пробиштип, Драган Анастасов за МИА вели дека фирмата „Мабинг“ од Скопје веќе втора недела работи на објектот и на новата покривна конструкција.
Домот за стари лица е со капацитет за 54 корисници, а рокот за изведба на проектот е 12 месеци од денот на воведување во работа. Вредноста на проектот, кој е целосно финансиран од Министерството за труд и социјална политика, е 55 милиони денари.
–Со ова реализираме уште едно капитално и клучно ветување за граѓаните без да ја задолжиме Општината ниту еден денар кон инвеститор, банка или институција. Водиме грижа за сите, а особено за онаа генерација кој го градела Пробиштип и на која овој проект и го ветивме. Проблемите на нашите сограѓани кои не се во можност да се грижат за своите родители поради најразлични причини го решаваме на едно пристојно ниво, со економски исплатлива цена, рече Анастасов.
Тој посочи дека веќе наредното лето Домот за стари лица треба да ги отвори вратите за станарите и тоа комплетно опремен за престој, како и со ангажирање на стручен кадар.вдј/бт/