Проблемот со ,,школите за женственост“

Во последните неколку години на социјалните мрежи се испопуларизираа едни таканаречени школи за женственост. Најчесто станува збор за подучувачки видеа за самопомош на Инстаграм или Јутуб, креирани од инфлуенсерки или т.н. едукаторки, кои споделуваат совети за жени. Совети за тоа како да се однесуваат, да зборуваат и да се облекуваат поженствено, како да бидат поатрактивни и елегантни. Вообичаено, ова е со цел да се добие и задржи „високо вреднуван“ маж и шансата за хипергамија, како начин на жената да си го подобри својот живот (практиката на лице кое се мажи за сопружник од повисока класа или социјален статус од нив самите). Контрадикторно, овие школи се залагаат да ја омоќат жената, но низ нејзиното строго придржување до стандардите на патријархатот. Целото движење мачка очи и го искористува екот на self-care културата, со примамливи мотивациски цитати и пораки за успех и благосостојба. Додека не е суштински лошо да се биде, или да се сака да се биде женствен(а), на овие школи вреди да се гледа низ една критичка призма, за тоа какви и чии вредности промовираат, за кого се наменети и какво влијание и ефект имаат на нивните следбеници и општествените концепти како родовиот идентитет.

За да ја разбереме проблематиката целосно, ќе се вратиме малку наназад. Феминистките од вториот бран се стремеле да отфрлат одредени женствени карактеристики во однос на својот изглед, однесување и своите интереси. Според радикалните феминистки во тоа време, како што била Кејт Милет, назначените женски одлики, типичните женски вредности и однесување биле едни од главните причинители со кои жените биле угнетувани, па така, отфрлањето на женственоста е важен дел од феминизмот на вториот бран.

Со текот на времето, ставот на отрфлање на женственоста еволвира во еден (противречен) pickme менталитет, каде што жените упорно се трудеа да не бидат како другите девојки со тоа што ќе преземеа повеќе машки улоги и карактеристики, машки интереси или ќе носеа неженствена облека. Но, во овој случај, обично причината за тоа е импресионирање на мажите, а произлегува од место на интернализирана мизогинија. Женственото отсекогаш се гледало секундарно на мажественото, па често жените чувствуваат притисок да присвојат некои општи машки карактеристики за да се ослободат од угнетеност. Негативниот ефект на ваквото движење е честото омаловажување на други жени кои не припаѓаат во таа категорија. Лично ми е мило што горе-долу излеговме од таа фаза, па тоа да си женствена денес, не те прави по автоматизам помалку феминистка или помалку силна. Феминизмот и не треба да биде ексклузивен поради родовиот израз и начин на живот, тоа само би го ограничило учеството на луѓе кои се борат за истите цели. Женственоста не треба да се гледа како слабост, ниту кај жените, а ниту кај мажите. Од тој аспект, да се прифати и охрабри женственоста изгледа како чекор во правилна насока, а овие школи навидум можат да бидат добра алатка за тоа. Но, често сликата за женственоста прикажана во овие видеа е проблематична. Оттука потекнува прашањето, според кого ја кроиме својата слика за женственоста?

Во последно време, поотворено се зборува за родот и родовите улоги. Родот многу често се поистоветува со биолошкиот пол и сè уште на голем број луѓе им е тешко да сфатат дека речиси никој од нас не припаѓа на екстремниот крај од оваа бинарност: машки наспроти женски. Сепак, што сметаме дека е машко или женско и каде ние припаѓаме на спектрумот на родот е субјективна работа. Па тогаш, што значи да се биде женствен според оваа ниш култура? Е, па, за жал, најчесто не станува збор за отелотворување на женственоста како алатка во сузбивањето на патријархатот, туку зацврстување на традиционалните и конзервативните женски улоги. Школите воглавно го присвојуваат бинарното гледање на родот, наместо спектралното и ги учат и ги поттикнуваат жените да ја прифатат својата женствена улога со тоа што ќе ги отстранат своите машки карактеристики. Жената не треба да биде агресивна, силна, сексуална, гласна бидејќи тие луксузни карактеристики им припаѓаат на мажите. Таа треба да биде нежна, емпатична, добра и сензитивна, како тие одлики да се екслузивни и не треба да важат за двата рода.

Всушност, овој концепт и не е така нов. Во 18 и 19 век постоеле школи, најчесто за елитната класа, каде што жените учеле бонтон, правилно однесување, говорење и движење, секако, со цел да се најде соодветен маж. Со растот на феминизмот во минатиот век, ваквите школи значително се намалени во популарност. Сепак, овие нови, онлајн школи се налик тоа – еден модерен бонтон и правилник што ти кажува што значи и како правилно да бидеш жена. Освен вообичаените видеа, се нудат и курсеви за изучување на тој бонтон, кои ветуваат успех и финансиска благосостојба, а најчесто метата на таквите курсеви се жени од пониски класи или малцинства. Но, освен за жените што се совпаѓаат со нивниот назначен род, школите не успеваат да ги вклучат жените кои не припаѓаат под овие строги категоризации, како трансжените, а во најлош случај дури и се осудувани. А ниту пак има место за за мажите кои се изразуваат женствено. Доминантна е идејата дека си се знае што е маж, а што жена и дека баш е штета што мажите веќе не се мажи или жените се помашкосиле.

Школите главно ја застапуваат идејата дека женственоста е вродена, а ние како жени треба да ја отклучиме тајната на својата женственост. А тајната очигледно е мажот. Сите карактеристики кои ѝ се назначени на жената се од поглед на мажот и машкоста. Дури и најбезопасните совети, како што се модните совети,се креирани за жената да му се допадне на мажот, со фокус на тоа што мажите сакаат кај жените, што ги пали или, пак, каква облека не сакаат кај жените. Во едно вакво видео се спомнува дека мажите се визуелни, а не емоционални суштества, па според тоа жените треба адекватно да се облечени. Целта на женствениот изглед и однесување е обид да се добие мажот или да му се угоди. Но, не каков било маж, туку моќен (читај: помоќен од тебе) и имотен маж. Ние како жени наводно треба да им дозволиме да ни ја покажат нивната машкост со тоа што тие ќе го носат лебот во семејството, а ние си имаме своја улога на негувателки. Станува збор за застарени родови улоги, според кои жената пред сè мора да ги вреднува семејството и децата, треба да биде средена и убава за мажот, а тој да биде обезбедувач на средства. За неа има „правилен“ начин како да се однесува, облекува, како да мисли, оди, зборува и јаде. Таа треба да најде богат маж за да биде издржувана, а таа да биде дамата во домот. Ова автоматски се коси со модерните феминистички движења што се залагаат за автономност и еманципираност на жената и girl-boss движењето, кое иако си има многу маани, ги охрабрува жените да се самоуверени, амбициозни и еманципирани, воглавно во однос на нивните кариери. Советите за женското самоподобрување паѓаат во вода ако нивниот поттик е единствено машката валидација, а нивниот резултат е женската сервилност.

Иако советите што ги нудат овие школи на прв поглед делуваат безопасно, во голем дел од овие школи се промовира женска субмисивност и се поддржува екстремна родова дихотомија која ја овозможува и перпетуира машката патријархална супериорност. Според мене, вакви учења нè враќаат неколку чекори назад од тешкиот и долг пат кон феминистичката еднаквост и слобода.

Елена Кузмановска

Извор: ДВ

Back to top button
Close