Продолжен куќниот притвор на Артан Груби


На Артан Груби му е продолжен домашниот притвор во истрагата за злоупотребите во Државна Лотарија. Од скопскиот Кривичен суд потврдија дека по барање на обвинителството пред државниот празник, за Груби е продолжен домашниот притвор со 24 часовно полициско обезбедување.

Поранешниот вицепремиер и министер по повеќе од 14 месеци бегство се врати на 23-ти февруари, но наместо затворски притвор поради безбедносни закани, обвинителството бараше, а судот додели домашен притвор. Груби е осомничен заедно со уште еден бегалец, екс директорот на Лотарија Перпарим Бајрами за злоупотреби со набавка на ВЛТ апарати при што МВР процени дека државата била оштетена за повеќе од 8 милиони евра.

Груби досега не дал исказ пред обвинител, а одбраната речиси заврши со разгледување на документацијата во предметот, ни рече неговиот адвокат Гоце Ристевски.

Поранешниот функционер, неколку дена пред да биде осомничен во декември 2024-тата беше ставен на американската црна листа заедно со судијата Енвер Беџети поради сомнежи за корупција во судски предмети и беше посочен предметот за Мијалков. Од обвинителството одговорија дека сомнежите од црната листа на САД се дел од предистрага во која е вклучено и Финасикото разузнавање.

Back to top button
Close