Продолжи акцијата за отстранување на урбана опрема од плажите на Охридското Езеро

Акцијата за отстранување на поставената урбана опрема на брегот на Охридското Езеро продолжи и денеска. Извршители придружувани од надлежен инспектор и со полициска асистенција отстрануваат шанкови, натстрешници, тераси, потпорни ѕидови од крајбрежјето на езерото на потегот од Горица 3 до хотелот „Аквалина“.

Сопствениците на урбаната опрема не се спротивставија на активностите на терен, но се жалат на селективност во постапките, посочувајќи на негативните економски последиците за нив, но и за туристичката понуда на градот во целина.

Според појаснувањата од локалната самоуправа, станува збор за отстранување на урбана опрема и градби што се надвор од опфатот на Генералниот урбанистички план, со најава дека после завршувањето на акцијата на тој дел од крајбрежјето ќе следува отстранување и на останатите објекти, потпорни ѕидови, шанкови, метални конструкции и настрешници што навлегуваат во Катастарската парцела 1/1 Охридско Езеро.

Градоначалникот на Охрид Константин Георгиески уште по донесувањето на владината Уредба за враќање на плажите што беа издавани под концесии во првобитна состојба рече дека е во насока на исполнување на визијата и целите на Планот за управување со природното и културното наследство на Охридскиот регион.

Министерот без ресор и претседател на Националната комисија за УНЕСКО, Едмонд Адеми, појасни дека откако плажите ќе бидат вратени во првобитна состојба, истите ќе бидат вметнати во Планот за управување со Охридското Езеро, а потоа општините Охрид и Струга да можат да носат одлука дали ќе распишуваат повици за стопанисување, која плажа ќе се издава, за каква намена и слично.

Back to top button
Close