Продолжува да се намалува бројот на заразени и починати од Ковид-19

Продолжува намалувањето на бројот на новозаболени и починати од Ковид-19. Според вчера објавените податоци од Институтот за јавно здравје, при направени 2.359 тестови, регистрирани се 86 нови случаи со КОВИД-19, 105 оздравени пациенти и едно починато лице. Активни се 782 случаи од кои најголем број – 422 се во Скопје.

Вкупниот број КОВИД-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 308.964, бројот на оздравени пациенти е 298.916, а на починати е 9.266.

Светската здравствена организација (СЗО) вчера соопшти дека минатата недела на глобално ниво се регистрирани речиси четвртина помалку пријавени случаи на лица инфицирани со коронавирусот. Според СЗО, бројот на новозаразени опаѓа од крајот на март.

Од 11 до 17 април се регистрирани 5,59 милиони случаи, 24 отсто помалку споредбено со седмицата претходно, а бројот на починати од инфекција на Ковид-19 е намален на 18.215 или за 21 отсто.

Трендот на опаѓање на бројките на инфицирани и починати е забележан во сите делови на светот.

СЗО сепак наведува дека таквите трендови треба да се примаат со внимателност, бидејќи земјите ги менуваат стратегиите за тестирање, преку помалку спроведени тестови, а со тоа и помал врој откриени позитивни случаи.

Најмногу инфекции минатата седмица се регистрирани во Јужна Кореја и тоа повеќе од 972 илјади, во Франција повеќе од 827 илјади и во Германија повеќе од 769 илјади, а најголем број смртни случаи поврзани со Ковид-19 има во САД – 3.076, во Русија 1.784 и во 1.671 во Јужна Кореја.

 

 

 

 

Back to top button
Close