Продолжува седмото издание на КРИК фестивалот

Седмото издание на КРИК фестивалот за критичка култура, во организација на Контрапункт, на тема „Во постојан отпор“ продолжува со вториот дел од својата програма.

Денеска со почеток во 18 часот во Музејот на современа уметност – Скопје, ќе се одржи перформансот „Обука за реанимација“, чии автори се Феликс Фалчик и Јохана Хершел од Германија. Во перформансот ќе земат учество и десет луѓе од Скопје, кои претходно се пријавија на јавниот повик.

Перформансот ќе биде повторно изведен в петок со почеток во 18 часот. Веднаш потоа ќе се одржи и разговор со авторите.

Злоупотребувајќи ја ситуацијата на вообичаен курс за прва помош, изведбата симулира здружување на група луѓе како итен случај. Учесниците се водат низ различни вежби во кои на радикален начин се практикува односот на поединецот и колективот. Помеѓу напнатоста и опуштањето, несвесноста и проширувањето на свеста, одучувањето од позната ситуација станува политичка мерка изведена со уметнички средства.

„Седмото издание на КРИК – фестивал за критичка култура, во својот фокус има широк спектар на формати низ кои ќе се протнат културните и уметничките практики, втемелени длабоко во едновремениот отпор и во создавањето на алтернативни општествени, политички текстови и јазици, кои директно ја проникнуваат, анализираат, аргументираат и толкуваат застрашувачката слика на еколошката смрт, ресурсната неодговорност, човековото унижување, био-политичките ентрописки слики – обидувајќи се да се обликуваат себеси како политички субјект кој може да интервенира во понатамошните текови и промени поврзани со општественото тело.

Овогодинешниот КРИК 07 е насловен „Во постојан отпор“, обмислувајќи ги низ различни формати стратегиите на заеднички и индивидуален отпор.

Во вториот дел на програмата на КРИК ќе се одржат разговор со Сезгин Бојник, промоција на книга на Артан Садику, изложба и разговор со Шејла Камериќ, во соработка со Тииит!Инк., промоција на книга на Александер Гарсија Дутман.

Контрапункт и КРИК – фестивал за критичка култура се поддржани од: Гете-институт Скопје, Министерство за култура, Алианц Културштифтунг и од програмата Креативна Европа.

Back to top button
Close