Продолжува серијата грабежи на познати француски личности, последен на листата Бернар Тапи

Претседателот на Франција Емануел Макрон лично му телефонира на познатиот француски претприемач и некогашен министер и претседател на фудбалскиот клуб ОМ Марсеј и поранешен сопственик на „Адидас“, чија кариера беше проследена со скандали, Бернар Тапи, откако тој и неговата сопруга, биле ограбени и малтретирани во нивниот дом близу Париз ноќта кон неделата, јави дописникот на МИА.

Тапи и сопругата спиеле во нивниот дом во Комб-ла-Вил близу Париз кога половина час по полноќ ги изненадиле во сонот четворица мажи со качулки на главите и облечени во црни комбинезони, кои ги врзале со електрични кабли, ги удирале, по што ги ограбиле и побегнале.

Седумдесет и седумгодишниот Бернар Тапи со палка бил удрен по главата, но не бил хоспитализиран и одбил медицинска помош, изјавила за агенцијата AFP обвинителката од округот Мелун, Батрис Ањелели, која додала дека од куќата биле украдени накити и скапоцени часовници.

Доминик Тапи успеала да се ослободи и од домот на соседите да повика полиција. Таа имала полесни повреди од неколку удари в лице и била пренесена на прегледи во болница. Се очекува дека наскоро да биде пуштена дома.

Според извори од истрагата, крадците однеле два скапи часовници од кои едниот „Ролекс“, обетки, нараквици и прстен.

Пред три седмици во истиот париски регион во текот на фудбалски натпревар, домовите на двете ѕвезди на ПСЖ, Аргентинецот Анхел Ди Марија и Бразилецот Маркињос, исто така, беа цел на грабежи, од кои едниот насилен.

Бернар Тапи во 1980-те години се специјализираше за преземање на фирми во пропаѓање, а во 1986 година го купи и фудбалскиот клуб Олимпик Марсеј со кој ја освои титулата во Франција и дојде до финалето во најелитното континентално натпреварување. Тапи, кој кратко беше министер во 1992 година во владата на социјалистичкиот претседател Франсоа Митеран, го изгради своето спортско и медиумско деловно царство, но имаше повеќе проблеми со правосудството. Неговото име се споменува во повеќе финансиски скандали.

Back to top button
Close