Продолжува судењето за убиството на Вања и Панче, ќе се дополнува доказната постапка

Судењето за убиството на Вања и Панче продолжува денеска во Основен Кривичен суд Скопје. На изминатото рочиште заврши доказната постапка и се започна со дополнение на докази. Дополнителни докази изведуваше Обвинителството помеѓу кои имаше снимки од безбедносните камери кај Велибор Манев кои, според Обвинителството, покажуваат дека обвинетите однапред се подготвувале за убиство, а не само за киднапирање на Вања Ѓорчевска. На снимката што беше прикажана во Судот, видлив е моментот кога Манев става лопата во возилото „рено кангу“.

Во изјава за медиуми, обвинителката Ана Стојковиќ, појасни дека снимката била изнесена во одговор на тврдењата на обвинетите во нивните искази дека тие всушност немале мотив да убиваат, туку тргнале да грабнуваат луѓе.

На прашање дали сѐ уште го бараат пиштолот, таа одговори дека имаат доволно докази кои укажуваат на вината на сите пет обвинети.

Прашана дали сѐ уште остануваат на ставот дека мотивот е користољубие, обвинителката Жаклина Трајковска одговори потврдно.

-Апсолутно во случајов се работи за користољубие. Од самиот почеток до извршувањето на делата, обвинетите заедно се договарале и се координирале да ги преземат сите дејствија со цел да си остварат користољубие. Со убиството на Вања се докажува дека сите заедно ги презеле дејствијата, само заради таа причина, рече Трајковска.

Претходно, Обвинителството презентираше дека обвинетиот Боре Видевски не бил на своето работно место на денот на грабнувањето и убиството на Вања и Панче, а воедно нема достапни податоци за извршено пробно испукување со оружјето кое го поседувал обвинетиот.

Во изјава за медиуми, бранителите на Палевски и Видевски побараа вештачење на пронајдената чаура.

Адвокатот Бојан Манев го доведе во прашање недостигот на траги за испукување од оружјето на Боре Видевски во базата на МВР, сметајќи го тоа за контрадикторно. Тој тврди дека има потврда за легалноста на оружјето, но без записи за испукување, што го нарекува пропуст или намерно занемарување.

Адвокатот Јовица Страшевски побара вештачење на чаурата пронајдена на местото на убиството на Панче Жежовски, критикувајќи го Обвинителството што не ги истражило сите регуларни пиштоли. Според извештаите, чаурата не се поклопува со постоечките податоци, а иако Видески има легална дозвола за оружјето од 1998 година, нема записи за испукување.

На почетокот од минатото рочиште, во делот на доказна постапка, обвинетиот Љупчо Палевски презентираше службени белешки од видео-докази од камерите на Хотел Романтик, кои, според неговото образложение, потврдуваат учество на три лица, а не четири во грабнувањето на Панче Жежовски.

Адвокатот Владимир Туфегџиќ, бранител на обвинетиот Александар Ѓорчевски, најави дополнение на доказната постапка во делот за имотната состојба на Александар и постапката која се води за денационализација за значителен имот во Кучково.

Во обвинението стои дека Љупчо Палевски, Боре Видески, Велибор Манев, Влатко Кешишев и Александар Ѓорчевски, заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде пари за откуп. Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, според обвинението, било со намера да го присилат да им го даде неговото возило „цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.

Малолетната Вања и велешанецот Панче беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, а на 3 декември 2023 година беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес.

Back to top button
Close