Продолжува топлотниот бран, денеска до 41 степен, освежување од среда
Топлотниот бран со температури до 41 степен продолжува и во следните два дена, а освежување продор на посвежа воздушна маса од север се очекува од задутре.
Управата за хидрометеоролошки работи за денеска најави сончево и многу топло време со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе биде во интервал од 14 до 22, а максималната ќе достигне од 33 до 41 степен. Попладне има услови за локална појава на нестабилност со краткотраен пороен дожд и грмежи. Ќе дува слаб до умерен, наместа повремено засилен ветер од југозападен правец.
За Скопје исто така прогноза за сончево и многу топло, со минимална температура до 20, а максимална до 40степени. Попладне со мала до умерена облачност, а ќе дува слаб до умерен југозападен ветер.
И утре ќе се задржи многу топло време со дневна температура наместа и над 40 степени. Во попладневните часови ќе има услови за локална појава на нестабилност со краткотраен пороен дожд и грмежи. Ќе дува умерен, а во западните делови повремено засилен ветер од југозападен правец.
Според прогнозата на УХМР, во среда, а особено во четврток поради продор на посвежа воздушна маса од север ќе има значително опаѓање на дневната температура. Ќе дува засилен северен ветер, а претежно во северните делови ќе има повремен дожд.
Поради високите температури, минатата недела во петок беше активирана фазата 3 од Акцискиот план за превенирање на последиците од топлотни бранови, а Владата донесе препораки за заштита на населението кои ќе траат до вторник, 8 јули.
Од работни обврски се ослободени бремени жени и лица постари од 60 години, но тоа не се однесува на вработени во критичната инфраструктура (здравство, полиција, армија, транспорт, енергетика, јавни комунални претпријатија).
Во препораките на Владата се и одложување на работниот процес од 11 до 17 часот за работници изложени на директна топлина; работа од далечина, флексибилно или двократно работно време, каде што е изводливо; обезбедување микроклиматски услови за работа односно простории со температура до 25 степени Целзиусови, освен таму каде природата на работниот процес налага поинаку.
Препорачано е и активирање планови за вонредни услови и сите здравствени установи, установи за згрижување стари лица и образовни институции да постапат согласно интерните протоколи за кризна состојба.
-Мерките имаат цел да обезбедат континуирана и ефикасна заштита на здравјето на населението преку превентивно дејствување и соодветна институционална подготвеност, посочуваат од Министерството за здравство и додаваат дека заедно со сите надлежни институции ќе продолжат со редовно информирање и спроведување на мерките, со цел заштита на здравјето на граѓаните.