Продолжува трендот на релативно висок број на новозаболени од Ковид-19 во Косово

– Минатото деноноќие во Косово беа регистрирани над 300 новозаразени од Ковид-19, со што продолжи трендот на релативно висока бројка на лица кај кои е откриен коронавирусот, споредено со последните недели од 2020-та и првата половина од јануари годинава, јави дописникот на МИА од Приштина.

Додека во декември и на почетокот на јануари се бележеа меѓу 150 и 200 новозаболени, изминатите пар недели таа бројка редовно се движи околу, или нешто повеќе од 300. Конкретно, според официјалните информации на косовските здравствени власти, минатиот петок, на 22 јануари, беа дијагностицирани 289, во саботата 379, вчера 392, додека денеска, 25 јануари, 311 нови носители на вирусот.

По подолго време, вчера е забележана и двоцифрена бројка на лица кои починале како последица на Ковид-19, со што вкупната бројка на жртви на пандемијата, вклучително последните 10 во минатите 24 часа, се искачи на 1.466.

Просечно, во јавните и овластените приватни здравствени установи во Косово, во последните пар месеци се вршат по повеќе од 1.500 тестирања дневно, а од почетокот на пандемијата, во март минатата година, со методот РТ-ПЦР се тестирани околу 222 илјади лица. Во текот на вчерашниот ден се извршени 1.903 тестови.

Позитивни на коронавирусот досега во Косово резултирале вкупно 58.399 лица, од кои како излекувани се водат 51.081 случај.

Според денешното соопштение на Институтот за јавно здравство на Косово, во земјата моментно има 5.852 активни носители на коронавирусот.

Back to top button
Close